Гаши: Законот овозможува владејачкото мнозинство да ја укине „техничката“ влада, но подобро е сите заедно да се договориме

-Законот не забранува промената да се прави преку закон. Но, мислам дека треба да се договориме и дека би било подобро заедно да се договориме околу тоа. Ако се сака инаетчиски и тврдоглаво да се застане зад еден став, тогаш тоа треба да се аргументира, рече Гаши.
На новинарско прашање дали под терминот „инаетчиски“ мисли на однесувањето на СДСМ, која тврдо опстојува на стојалиштето дека „техничката“ влада треба да остане, Гаши одговори дека мисли на сите.
-На мислам на СДСМ туку воопшто. Силата на аргументите треба да биде решавачка а не партиски интереси – потенцира првиот парламентарец.
Инаку, во текот на идната недела треба да дојде до иницијалниот состанок на работната група која ќе работи на измените на изборната регулатива. Се уште не е јасно дали пратениците ќе работата на нови, кој знае кој по ред, измени на актуелниот закон или ќе добијат потполно нов законски текст. Тоа, вели Гаши, ќе зависи од тоа што ќе добијат како предлог од Министерството за Правда. Гаши ќе инсистира работната група своите обврски да ги реализира во рамките на законодавниот дом.
Досега, сите партии застапени во Парламентот освен еден независен пратеник и Мендух Тачи од ДПА, номинирале по двајца претставници кои ќе работат на измените на изборните „правила на игра“. Првиот парламентарец најави дека ќе поабара во процесот на измена да бидат вклучени и тоа активно и другите институции кои се дел од изборниот процес – како Државната изборна комисија, ДКСК, АВМУ, Државниот завод за ревизија, кои треба да дадат свои предлози и сугестии во кој правец и во колкава мерка да се измени законската материја, за процесот на избори да се направи што поефикасен и без сомнеж за неговата легитимност и регуларност. Гаши не инсистира, но и не одбива, тој да биде на чело на работната група која ќе ги донесе такцвите измени.
На последната лидерска средба станало збор и за комплетно нов Изборен законик со кој би се променил изборниот модел по кој Македонија наместо со шест би станала една изборна единица, а пратеницие би се бирале со отворени листи.






