Гасоводот Скопје-Тетово-Гостивар готов до втората половина на наредната година

Од наредната недела се очекува да стартува решавањето на имотно правните работи што поради пандемијата ги забавија работите на терен за изградбата на магистралниот гасовод Скопје-Тетово-Гостивар, којашто, според проценките на надлежните, треба да биде завршен во втората половина на наредната година. Дотогаш треба да се заврши и со магистралната делница Неготино-Прилеп-Битола, додека таа од Неготино до Гевгелија за поврзување со интерконекторот со Грција да почне да се гради наредната година.

-Гасоводната делница Скопје-Тетово Гостивар  во должина од 86 километри заклучно со  септември е реализирана на ниво од 66 проценти, со проценки дека целосно ќе биде завршена во втората половина на идната година,вклучувајќи  ја изградбата на мерните станици и краците кон градовите, изјави денеска премиерот Зоран Заев, при увид на градежните активности на терен кај скопско Семениште.

Гасоводот Скопје-Гостивар – Тетово, потенцираше, е дел од изградбата на преносниот систем за гас на целата држава како еден од приоритетите на Владата од посебен  и исклучителен интерес за граѓаните и стопанството.

-Без разлика на тоа што заради последиците од пандемијата со Ковид 19 и изведувањето на работите е забавено, како што рече Заев, целосно се завршени работите на гасната магистрала од Клечовце до Неготино во должино од 96 километри,  додека делницата Неготино – Прилеп – Битола, долга 92 километри, во септември беше комплетирана до 92-от километар.

– Овој магистрален гасовод со сите придружни елементи очекуваме да го комплетираме до вториот квартал на 2021 година. Оваа динамика на градежни работи веќе го прави многу блиску гасот до индустријата и до граѓаните, рече Заев.

Изградбата на двата магистрални гасоводи се реализира со инвестиција во износ од 65 милиони евра, од кои 29  милиони евра за кракот од Скопје кон Гостивар, а 36 милиони  евра за изградба на кракот од Неготино кон Битола.Проценките  на институциите се дека за целиот национален проект ќе бидат потребни уште 200 милиони евра.

Следува фаза, укажа Заев, кога ќе треба да се определат операторите на секундарната и терцијарната мрежа коишто ќе обезбедат пренос и приклучок по ниски цени достапни за граѓаните  и стимулирачки за индустријата. За таа цел беше објавен повик за воспоствување јавно приватно партнерство за финансирање, проектирање, изградба, управување, одржување  и развивање на дистрибутивникот систем на природен гас. Во тек е евалација на пријавите за учество заедно со консултантите од ЕБОР за проверка на нивните капацитети согалсно критериумите на повикот.

Премиерот потенцираше дека од наша страна со поврзувањето со интерконекторот со Грција државата ќе обезбеди стабилно и континуирано снабдување со гас, независност и конкурентни цени.

-Со поддршка на САД и ЕУ, Северна Македонија во наредниот период ќе забрза и ќе иницира неколку проекти во енергетиката од особено значење за земјата  и регионот. Од земја која беше ставена да биде зависна од само еден коридор Северна Македонија денеска е земја интегрирана во енергетски проекти и вклучена во иницијативите за енергетско поврзување кои отвораат широки  перспективи за брз економски развој и за стабилно снабдување на граѓаните со евтин и еколошки енергенс како што е гасот, рече Заев.

Како што дополни премиерот, еден дел од тие перспективи е токму постоењето на точката на новиот интерконектор со Косово што продолжува преку Косово, Црна Гора и понатаму. -Ќе бидеме преносен систем и за други  држави што секако ќе влијае многу на поволноста на цената за крајните консументи, нагласи Заев.

Клучен проблем за текот на изградбата на магистралниот гасовод  Скопје-Тетово-Гостивар во изминатиот период биле имотно-правните работи со оглед дека поради пандемијата Управата за имотно правни работи  ги прекинала расправите по предметите од март досега.  – Во интензивна комуникација со  Управата за имотно-правни работи веќе го надминавме тој проблем и мислам дека од наредната недела веќе ќе почне да се движи  напред решавањето на овие имотно-правни работи кое е едно од клучните за брза реализација на терен. Реално потешкиот дел од градежните работи се направени, сите  поголеми наклони и стрмини веќе се  израдени, останува да се гради поголемиот дел што е на рамно, каде многу бргу можеме да ги  реализираме сите градежни активности,  информираше директорот на Национални енергетски ресурси Бајрам Реџепи.

Очекува до втората половина на следната година да се заокружат и работите на делницата од Неготино кон Битола со сите потребни испитувања,  со оглед дека се преостанати уште 2,5 километри.  За кракот кон Кичево веќе има одобрение за градба и е добиена прелиминарна поддршка од ЕБОР за финансирање, а откако студијата за животна средина ќе биде адаптирана по нивните правила се очекува старт со градба во тек на следната година. Потоа треба да се продолжи  со проектирање на делницата од Кичево  кон Охрид и од Охрид  до Битола за да се затвори целиот прстен што, укажа Реџепи, ќе овозможи стабилност на целиот систем за пренос на природен гас.

На локацијата на која беше извршен увидот на градежните работи кај Семениште, на 31-от киометар од гасовот ќе биде  главната мерна регулациска станица и приклучокот за  гасоводот на Косово и како што рече Реџепи, нашиот систем за пренос ќе го  користиме за да ги снабдиме нашите северни соседи и цената за пренос драматично ќе падне.

Реџепи информираше дека веќе е направена студија за животна средина и за според него, најважниот проект од Неготино до Гевгелија за интерконекторот со Грција, доставена е апликација во Министерството за животна средина и се очекува брзо да бидат закажани јавни расправи. – Очекувам дека до крајот на оваа година таа постапка да заврши, веќе имаме подготвено инфраструктурен и основен проект, така што очекуваме дека некои проблеми што ги имавме со грчката страна со ДЕСФА за банкарските гаранции ќе ги надминеме брзо за и таа делница да почне да се гради наредната година, наведе Реџепи, потенцирајќи дека делницата е исклучително важна не само  од геополитички туку и од економски аспект, односно ќе имаме пристап до повеќето сегашни и идни терминали што ќе се градат во Грција.

Министерот за транспорт Благој Бочварски порача дека особено во тековната здравствена криза имаме обврска и задача да ги вложиме сите напори и да ги направиме  сите потребни чекори за да ја интензивираме изградбата напримарната гасоводна мрежа.

-Продолжуваме и понатаму со силна динамика. Следни чекори  ќе бидат на кракот кон Кичево да го надоврземе и кракот кон Охрид, а исто така со крак да го поврземе и Велес. Во меѓувреме  Министерството з атранспорт  и врски се екипира од аспект на човечки ресурси и вложувајќи ги сите расположиви капацитети интензивно работиме на решавање на сите имотно правни односи и на одобрување на сите инфраструктурни проекти со цел забрзување на изградбата на нашите магистрални гасоводи,  наведе Бочварски, апелирајќи истовремено до локалните самоуправи да се подготват и што поскоро да почнат со изградба на конекциските краци од општините до магистралниот гасовод.

Според министерот за економија Крешник Бектеши во наредните три години ќе се заокружи  прстенот за изградба на националниот гасовод на државата,а  дотогаш може паралелно да се работи  на дистрибутивните мрежи на градовите посебно во тие што се во финална фаза со нивните проектни документации.

– Ова ќе овозможи  поевтини цени за индустријата, стопанствениците и тие да станат  што поконкурентни и да ги намалат нивните трошоци во делот на снабдување со енергенси, но дополнително на граѓаните ќе им овозможиме да се снабдуваат со приороден гас, рече Бектеши.

Back to top button
Close