Гавраните се меѓу најчестите резервоари на западнонилска треска, граѓаните да пријавуваат мртви диви птици

Министерот за здравство Сашо Клековски информираше дека здравствените власти ја засилуваат контролата на можните резервоари на вирусот на западнонилска треска, со посебен фокус на дивите птици и живината во ризичните подрачја.

Клековски упати апел до граѓаните, доколку забележат мртва дива птица, особено гавран, или друга птица, да го пријават случајот во Агенцијата за храна и ветеринарство.

„Најчести резервоари на западнонилска треска се гавраните. Имаме апел за пасивно пријавување, односно сите граѓани кои ќе најдат мртва дива птица, гавран или која било друга птица, да ја пријават во Агенцијата за храна“, рече Клековски.

Тој посочи дека досега има една пријава од Гостивар, но кај птицата не е идентификуван вирусот на западнонилска треска. Според него, утврдувањето на можните резервоари е особено важно за контролата на ширењето на болеста.

Во загрозените подрачја ќе биде спроведена и засилена контрола на живината, со посебен фокус на живината која слободно се движи во близина на каналите за наводнување.

Клековски потсети дека при последното поголемо појавување на западнонилска треска во 2019 година, од девет контролирани кокошки била утврдена една заразена кокошка во едно од подрачјата кои и сега се сметаат за загрозени.

Паралелно со контролата на птиците и живината, засилена е и ентомолошката контрола, односно следењето на присуството на комарци, што ќе биде земено предвид при планирањето на натамошните мерки и прскања.

Back to top button
Close