„Газа на води“

Првичниот период од вториот мандат на Доналд Трамп во Белата Куќа изгледа како бура – торнадо од иницијативи, извршни наредби, прес конференции и изјави во кои се промовираат фасцинантни и контроверзни идеи кои ги оставаат подзинати и новинарите, и светските лидери, политичките елити во САД секако, но и гледачите дома пред екраните. Од укинување странска помош, до „Газа на води“ – проект кој сигурно би му се допаднал на Александар Вучиќ, особено имајќи го предвид, безмалку, љубовното писмо со поддршка од Трамп, и тоа токму во период кога српскиот претседател се соочува со најголемиот демократски предизвик во неговата политичка историја.

Вистинската дилема е: дали Трамп ќе ги редефинира САД и светот, или неговите бомбастични најави ќе останат на ниво на реално шоу? Има аргументи во прилог на двете тези. Амбицијата на Трамп е секако да остави политичко наследство кое драматично ќе го смени текот на политичките наративи на САД, но и пошироко. Неговата најавена борба против „длабоката држава“ е токму тоа – тој се доживува, заедно со Илон Маск, како еден вид „избраник“ на народот, кој е обременет со повик да ги растури досегашните принципи, практики, и вредности на естаблишментот. И по ѓаволите со последиците, тоа е тоа што го сакаат луѓето. Системот нека се снаоѓа.

 

Грандиозни најави

Од друга страна, пак, голем дел од неговите иницијативи, барем засега, завршуваат како помпезно започнати, но суштински недовршени проекти. Грандиозните најави за „запленување“ на странски територии (Панама, Канада, Гренланд), сепак завршија помалку наивно – засегнатите држави тоа го отфрлија, меѓународната заедница со доза на потсмев го игнорира, а освен воена сила, нема друг механизам кој би го гарантирал остварувањето на неговите планови. Понатаму, дел од неговите извршни наредби се блокирани од федерални судии, што ги прави не само неспроведливи, туку може да создаде и контра ефект: може да ги натера истите судии да и наложат на администрацијата да се повлече и да продолжи да ги спроведува досегашните политики, што би создало еден вид правна криза во САД. Значаен дел од царините се одложени, или се во процес на ново преговарање, со можеби бавен епилог без јасен план. Дури и укинувањето на странска помош (гаснењето на УСАИД), нешто што изгледаше како врвен политички приоритет за Трамп, веќе е само делумно: хуманитарниот аспект на помошта (кој е, всушност, повеќе од половина од буџетот на УСАИД), е одблокиран. На крајот, неговиот последен проект – Газа како ривиера на Блискиот Исток, исто така, судејќи по повеќе параметри, изгледа како „есап без крчмар“.

Судејќи по вкупниот перформанс на овие иницијативи досега, изгледа дека влијанието на новиот претседател на САД во обликувањето на светот и политичкото наследство кое планира да го остави, како реформа на вкупниот глобален систем, сепак ќе биде помало одошто очекуваме – најголемиот дел од неговите планови се или неостварливи, или нереални.

 

Планот за Газа

Да го земеме само последниот пример за анализа- Газа. Планот за Газа потекнува од професорот Јосеф Пелзман, од Универзитетот Џорџ Вашингтон, кој предвидува три фази за Газа (Изгради, Управувај, Врати), сличен со британскиот модел за Хонг Конг. Сепак, овој план се соочува со сериозни проблеми во неговата имплементација:

(1) Иселувањето на скоро 2 милиони Палестинци покренува сериозни етички и правни прашања, особено бидејќи насилната дислокација на население е забранета со меѓународното право.

(2) Соседните држави, и Египет и Јордан, во моментов се против оваа идеја, а без нивно прифаќање на бегалците, планот се распаѓа.

(3) Отпорот на Палестинците ќе биде огромен, и може да направи хуманитарна криза, но и нов бран насилство во регионот.

(4) Остварливоста на овој план е проблематична, имајќи ги предвид нестабилноста и безбедносните ризици во регионот. Тешко бива ривиера, особено вака скапа и несигурна – како ќе играте голф, ако постојано се плашите од терористички напад?

(5) Меѓународната заедница, вклучително ООН, е против овој план. Трамп може да го спроведе и покрај тоа, но ризикува антагонизмот кој веќе се појавува помеѓу САД, ЕУ, и останатиот дел од светот, само да се зголеми. Оттаму, шансите дека ваквите иницијативи ќе останат на ниво на прес конференции засега изгледаат големи.

Сосема друго прашање е дали на новата администрација воопшто и е важно колкав дел од овие предлози ќе се спроведат. Засега, тактиката на Трамп изгледа насочена кон доминација на медиумскиот циклус и општествениот наратив, повеќе одошто кон реална имплементација на своите идеи. Тука, во интерес на вистината, неговата стратегија се покажува исклучително успешна. Брзината со која исфрла контроверзни иницијативи, како целосно да ги „шашардиса“ и неговите политички опоненти, но и медиумите. Тие, се, по правило, неколку чекори зад него – додека се занимаваат со неговата изјава од вчера, тој веќе исфрлил три нови приказни за денес и утре. Новата администрација тоа и го најавува: Маск вели „ќе грешиме, ама ќе имаме бура од идеи“. Токму поради тоа, од адаптацијата на американскиот политички дискурс кон новата динамика на комуникација најмногу ќе зависи како ќе изгледа тековниот мандат на Трамп: дали општеството ќе се ориентира да ја држи главата во песок чекајќи бурата да помине, или ќе се активираат механизмите на внатрешна демократска контрола по кои САД се познати ширум светот.

Впрочем, тактиката и стратегијата на Трамп е позната – доминирај го медиумскиот простор, не давај публиката и опонентите да здивнат, и биди контроверзен. Тој е веќе веста на денот насекаде во светот, и тука нема големи изненадувања. Како останатиот дел од САД, па и светот, ќе се адаптира на „новото нормално“, тоа е варијаблата која ќе даде одговор на главното прашање: дали Трамп ќе ги смени светот, или ќе остане, што би рекле во Тексас: „аll hat, no cattle“ (само празни зборови). (dw)

Петар Арсовски

Back to top button
Close