Газдата на „Дурмо турс“ се пријави во „Идризово“

Сопственикот на компанијата „Дурмо турс“, Дурмиш Белули, денеска се пријави во затворот „Идризово“ за да го започне издржувањето на затворската казна од 10 години, изречена поради тешката сообраќајна несреќа кај Ласкарци, во која по превртувањето на технички неисправен автобус загинаа 16 патници, а повеќе од 30 беа повредени, објави порталот „Сакам да кажам“ (СДК).
Информацијата за СДК ја потврди директорот на затворот „Идризово“, Зоран Јовановски.
Претходно, извршувањето на казната беше повеќепати одложувано поради здравствени причини. На почетокот на декември 2025 година, Белули доби уште едно одложување, откако достави медицинска документација дека треба да биде подложен на уште една хируршка интервенција, по претходна операција извршена во октомври истата година. Одлуката за одложување важеше до средината на декември.
Во меѓувреме, од затворската казна избегна Ремзи Мифтари, одговорен за возниот парк на „Дурмо турс“, кој, исто така, беше осуден на 10 години затвор за истата несреќа. По неговото исчезнување беше распишана потерница. И Белули и Мифтари добија правосилни пресуди на 9 мај 2025 година, кога Апелациониот суд во Скопје значително им ги зголеми казните – на Белули од четири на 10 години, а на Мифтари од шест на 10 години затвор.
Судијата кој го водеше предметот претходно изјави дека лично проверил во болничка установа и разговарал со лекарот кој го лекувал Белули, при што било потврдено дека хируршката интервенција е медицински неопходна.






