Газдата на “Пулс” останува во притвор, заедно со тројца осомничени – обвинението ќе го застапува скопското обвинителство
Обвинителниот акт за случајот „Пулс“, во кој се опфатени 17 лица, е доставен до Основниот кривичен суд Скопје. Четворица од обвинетите остануваат во притвор, додека за останатите 13 и понатаму се применуваат мерки на куќен притвор. Со ова се означува крајот на истражната постапка, а започнува рокот во кој странките можат да поднесат приговори пред судот да одлучи дали ќе го прифати обвинението.
Во продолжение го пренесуваме соопштението во целост:
Со оглед на интересот на јавноста за кривичниот предмет поврзан со пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, судот известува дека кривичниот совет при овој суд постапувајќи по предлог на Основното јавно обвинителство – Кочани за продолжување на мерките за обезбедување присуство на обвинетите, на обвинетите Д.Ј. од Кочани, Т.Ј. од Кочани, Џ.К. од Скопје и Б.Х. од Скопје им ја продолжи мерката притвор, додека на обвинетите М.С., О.Г., Љ.П., И.Г., М.Г., С.Д., сите од Кочани, потоа Ј.Ј. и Љ.Г. од Скопје како и Б.М и Ш.Х., од Тетово и Е.М. од Виница им се продолжи мерката куќен притвор.
Против овие решенија странките имаат право на жалба пред Апелациониот суд Скопје, а советот дополнително ќе одлучува и по предлозите за продолжување на мерките за обезбедување присуство и мерките претпазливост и за останатите обвинети.
Во однос на конкретниот обвинителен акт КООА 155/25, како што и претходно веќе информиравме, со одлука на Врховниот суд на Република С. Македонија за стварно и месно надлежен за постапување е определен овој суд, па така на 02.07.2025 година во попладневните часови списите на предметот беа доставени до овој суд, заедно со целокупниот доказен материјал меѓу кој вештачења, медицинска документација, како и техничка опрема одземена во текот на истрагата, која требаше соодветно да се смести и чува во посебни простории. Потоа, предметот и сите предлози се заведоа во АКМИС системот, а во наредниот дек актот е распределен на совет за оценка на истиот.
При увидот во списите на предметот, утврдено е дека три обвинети правни лица немаат законски претставник во постапката, по што судот определи претставници по службена должност.
Дополнително на 08.07.2025 до судот, од страна на Јавниот обвинител беше доставно доуредување на обвинителниот акт од 01.07.2025 година, кое се однесуваше на генералиите и личните податоци на обвинетите.
Откако беа исполнети сите услови, советот издаде наредба за достава на обвинителниот акт со споменатото до уредување, заедно со листа на докази до сите обвинети, нивните бранители и претставниците на обвинетите правни лица поставени по службена должност.
Кога истиот ќе биде примен од странките, ќе започне да тече рокот од 8 дена за приговор, а по приемот на сите приговори и истек на Законски утврдениот рок, советот ќе заседава и ќе известува.
Исто така, судот ја информира јавноста дека во текот на вчерашниот ден, 17.07.2025 година, во овој суд доставено е решение на Јавното обвинителство на Република С. Македонија РО бр. 367/25 од 15.07.2025 година со кое за месно и стварно надлежно обвинителство за постапување по конкретниот обвинител акт се определува Основно јавно обвинителство Скопје.
Судот апсолутно го разбира интересот на јавноста за оваа постапка, но укажува дека должност е да се почитуваат правата на сите засегнати како и законските рокови предвидени во Законот за кривичната постапка, се со цел да не се случат пропусти кои во иднина може да ја компромитираат целосната судска постапка, односно правдата мора да биде брза, но не избрзана, се наведува во соопштението на судот.