Газди на глупавите и будалите
Доволна е само една слика, пропратена со соодветен текст, напишан со огромно внимание и гордост, за да заврши на Фејсбук, кој се доживува како официјален Службен весник на Владата, за сите нивни неверојатни успеси и херојски дела.
“Пријателска конструктивна средба со Сотир Лукровски, кандидат за градоначалник на Општина Карпош, и пратеникот Тони Јаревски. Разговаравме за претстојните локални избори и за важноста на визијата и одговорниот пристап во управувањето со општините.
Карпош заслужува нова енергија посветена на граѓаните, чесна и ефикасна локална власт”, напиша на Фејсбук министерката за финансии, Гордана Димитриеска- Кочоска.
Какво разочарување, каква жал за нашето изгубено, пропаднато златно време, додека тие мислат дека владеат со нас и нашите потрошени и промашени животи, наместо да разберат што значи вистинското значење на јавни службеници, збор чиј корен доаѓа од “служење, слугување, слуга”.
Ништо овие луѓе кои добиле функции само за за да им служат на граѓаните, ништо тие не научија од нивните претходници, особено од нивниот идеолошки татко по сеење магла, Груевски, кој еднакво вака со години замајуваше, се сликаше и позираше, глумеше важни и државнички средби низ владините одаи, ја злоупотребуваше јавната служба еднакво вака, сосема така. Со сопартијци и војничиња наредени од штабот, распрскани низ сликите како да се подготвуваат најмалку за примање на Нобелови награди во сите полиња и области, па сосема заслужено на пауза си дозволуваат мало чкрапнување на телефонот, за да се овековечи историската победа на средби на маалски легенди во службени, јавни простории, кои се платени од граѓаните.
Затоа што, министерката Кочоска мора да биде свесна дека таа надвор од партискиот штаб, нема што да лобира и пропагира визии на кандидати од редовите на нивната партија, особено не смее тоа да го прави во канцеларија во Министерството за финансии или во која било јавна установа, платена, уште еднаш да повторам, со парите на даночните обврзници- граѓаните.
Оваа министерка, како и сите нејзини колеги, треба да треперат кога се обраќаат пред граѓаните, на кои се избрани за да им служат посветено, одговорно и чесно. Оваа министерка наместо што се слика и агитира за победа на нејзината партија на локалните избори, треба да се научи на пристојност и одговорност пред луѓето во оваа земја, понизно секој ден да одговара за нејзините резултати и катастрофалните последици од финансиските промашувања, чиј вистински збор е дебакли- во земјава. Да дава отчет за тоа што не мрднале со прст да ги зауздаат бесната инфлација и стагнацијата, за економскиот пад кој тие го нарекуваат раст, затоа што само тие го гледаат и за него зборуваат, мислејќи дека лагите повторени стануваат “вистински вистини”, да го цитирам нејзиниот шеф, премиерот Мицкоски.
Министерката Кочоска треба да проговори и да се извини притоа, кога го спомнува зборот “раст”, затоа што искрено верува дека граѓаните се доволно будали и глупави, што никогаш нема да разберат и сфатат зошто 32% деца живеат во беда и јад, во ужасна сиромаштија, зошто над 30% од населението нема пари да си дозволи одмор, мала пауза пред следните вакви понижувања од власта, од оние кои всушност треба да се на услуга токму на луѓето кои ги избрале да им служат.
Конечно, се очекува Мицкоски како премиер да престане да им кажува на истите тие граѓани што навистина требало да се пресметува во потрошувачките кошнички, а со тоа буквално официјално да им соопштува, или подобро, да им наредува, што точно треба и мора да јадат и да пијат, како да е нивен сопственик и газда, на нивниот мал, кутар, неважен живот, за кој тој лично се погрижува што точно секојдневно треба да им се потфрла во чинивчињата, додека клечат како кученца. Дали да им дозволи избор помеѓу говедска или телешка коска, која пушта доволно мрснотија, за да трае барем неколку дена, ако веќе не може да биде само стоплена вода со едно големо ништо, како што ѝ се дозволува на послугата, пикната долу, најдолу во становите и куќите, каде живеат неколку генерации, истрошени, уморни, преморени луѓе од сѐ, а најмногу од ваквиот живот.
Тоа е таков живот, полн со падови и порази, за кои се заслужни луѓето кои се сликаат само со цел да добијат нови години власт, нови злоупотреби и изживувања со парите кои ги заработиле чесните луѓе на кои треба да им служат.