Генчовска не знае дека барањето за Бугарите во Уставот не е дел од декларацијата на бугарскиот парламент!?

Декларацијата, на која денеска се повикува министерката за надворешни работи на Бугарија кога вели дека Уставот треба да се смени пред Северна Македонија да ги почне преговорите со ЕУ, содржи редици услови што, според источниот сосед, треба да ги исполни земјава за да се одржи првата меѓувладина конференција, но меѓу нив не е барање за вметнување на Бугарите во Уставот на РСМ

Фактот што барањето за впишување на Бугарите во Уставот не е дел од Декларацијата на Народното собрание, ниту, пак, е дел од рамковната позиција на бугарската влада, се смета за основа за отворање на овие два документа, при што би можеле да отпаднат елементите што досега спречуваа постигнување договор

Министерката за надворешни работи на Бугарија, Теодора Генчовска, во денешната изјава од Софија, во која порача дека промената на Уставот на Северна Македонија треба да се случи пред почетокот на пристапните преговори на земјава со Европската Унија, тврди дека тоа е услов запишан во Декларацијата на 44. Народно собрание.

Според изјавата што ја пренесува бугарската телевизија „Нова“, шефицата на бугарската дипломатија вели:

„Тоа е услов што е дел од Декларацијата на Народното собрание и од одлуките на Консултативниот совет за национална безбедност, така што за нас е услов што треба да го исполнат во оваа фаза, пред да почнат преговорите со нив.“

Видеоверзијата на изјавата на Генчовска е достапна овде.

За волја на вистината, Декларацијата за која зборува министерката за надворешни работи на Бугарија, усвоена од парламентот во Софија во октомври 2019 година, содржи редици услови што, според источниот сосед, треба да ги исполни земјата за да се одржи првата меѓувладина конференција со ЕУ, но меѓу нив не е и барање за вметнување на Бугарите во Преамбулата на Уставот на РСМ.

Интегралниот текст на Декларацијата е достапен овде.

Исто така, барањето за промена на Уставот се споменува во заклучоците од Консултативниот совет за национална безбедност (КСНБ) одржан на 10 јануари годинава, но тој не е наведен експлицитно како предуслов за почеток на преговори. Коментарите по таа седница на КСНБ беа дека ако препораката оти отстранувањето на блокадата за Северна Македонија не треба да се врзува со рокови (еден од заклучоците) беше порака до премиерот Кирил Петков, неспоменувањето на рокот за промена на Уставот се сметаше за отстапка од претседателот Румен Радев.

Интегралниот текст од заклучоците на Консултативниот совет е достапен овде.

А, тајмингот на евентуално иницирање уставни измени и нивно гласање во македонското Собрание е еден од битните елементи во равенката на можното решение што се преговара меѓу Скопје и Софија. Како што е очигледно од изјавите на претставници на двете влади, опцијата што е на маса е Северна Македонија да преземе обврска да ги вклучи Бугарите, заедно со Хрватите и Црногорците, меѓу државотворните народи до отворањето на првиот преговарачки кластер. Според проценките, временски тоа е околу две години по одржување на првата меѓувладина конференција, односно по фактичкиот почеток на преговорите за членство на Северна Македонија во ЕУ. Досегашното искуство од пристапниот процес покажува дека откако ќе одржи првата меѓувладина конференција ќе треба да се заокружи т.н. скрининг, а Северна Македонија ќе треба да исполни и т.н. мерила за отворање (opening benchmarks) пред на дневен ред да дојде првиот кластер.

Процедурата на менување на Уставот, пак, е во три фази. Според член 131:

– Одлука за пристапување кон измена на Уставот донесува Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници;
– Нацртот за измената на Уставот го утврдува Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници и го става на јавна дискусија;
– Одлука за измена на Уставот донесува Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Амандманот XVIII на Уставот, пак, доуредува дека за:

– Одлука за измена на Преамбулата … ќе биде потребно двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број
пратеници во кое мора да има мнозинство гласови од вкупниот број пратеници кои припаѓаат на заедниците што не се мнозинство во Република Северна Македонија.

Фактот што барањето за впишување на Бугарите во Уставот на РСМ не е дел од Декларацијата на Народното собрание, ниту, пак, е дел од Рамковната позиција на бугарската влада, се смета за основа за отворање на овие два документа. При евентуалното инкорпорирање на ова барање во нив, се смета дека (од Декларацијата и од рамковната позиција) би можеле да отпаднат елементите што досега спречуваа постигнување договор, како, на пример, несогласноста на Бугарија за именување на јазикот како македонски.

Back to top button
Close