Генерал обвинет за тортура – нов шеф на Интерпол

Ахмед Насер ал-Раиси, против кого има кривични тужби за мачење, е избран за претседател на меѓународната полициска организација, Интерпол.

    

 

Од аспект на критичарите, Ахмед Насер ал-Раиси од Обединетите Арапски Емирати е симбол за агресивен безбедносен апарат во кој луѓето, кои имаат критички ставови кон владата, самоволно се апсат и подложуваат на мачења. Во најмалку пет земји против него се поднесени тужби со обвиненија за вршење тортура, меѓу другото и во Франција, каде е седиштето на  Интерпол,  и во Турција. Според Заливскиот центар за човекови права, постојат недвосмислени докази за одговорноста на генералот за политика на тортура против противниците.

Без оглед на ова, генерал-мајорот Ал-Раиси денеска во Истанбул е избран за наследник на  Јужнокореецот Ким Џонг Јанг,  како што соопшти официјално Интерпол на Твитер.

Генералното собрание на претставници од 195 земји на Меѓународната полициска организација избира шеф на период од четири години. Функцијата содржи репрезентативни задачи, а секојдневната работа во седиштето на Интерпол во Лион ја води генералниот секретар. Оваа функција од 2014 ја извршува Германецот Јирген Шток, кој во октомври 2019 година доби продолжување на должноста од уште две години.

Активистите за човекови права стравуваат од губење на репутацијата на Интерпол со изборот на Ал-Раиси. „Длабоко сме убедени дека изборот на генерал-мајорот Ал-Раиси ќе наштети на имиџот на Интерпол и сериозно ќе ја наруши способноста на организацијата ефективно да ја извршува својата мисија”, се вели во писмо на тројца европарламентарци испратено пред неколку дена до претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. Писмото е потпишано и од раководителката на Комисијата за човекови права, Мари Арена.

Хјуман рајтс воч во 2020 година го обвини Ал-Раиси, како дел од безбедносниот апарат, за вршење мачења против мирната опозиција. Заливската организација за човекови права го обвинува Ал-Раиси за тортура против затворениот владин критичар Ахмед Мансур, кој е сместен во минијатурна келија, во која нема ни душек за спиење, а ускратен му е пристап до медицинска помош и санитарни уреди.

Обединетите Арапски Емирати во 2015 година започнаа да уплаќаат великодушни донации на  Интерпол,  со што се постави прашањето дали сакаат да купат свое влијание. Организацијата се финансира од членарина на 195 земји членки, а ОАЕ по САД се втор по големина уплатувач на финансиски средства во неа.

 

Back to top button
Close