Генералниот секретар на НАТО денес во официјална посета на Македонија
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте денес ќе престојува во официјална посета на земјава. Домаќин ќе му биде претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.

Генералниот секретар ќе биде пречекан со највисоки државни и воени почести на церемонија во Кабинетот на претседателот, по што ќе следи тет-а-тет средба и пленарен состанок на македонската и на делегацијата на НАТО. Предвидена е и заедничка прес-конференција на претседателката Сиљановска-Давкова и Руте.
Генералниот секретар на НАТО ќе има средба и со премиерот Христијан Мицкоски, како и со претседателот на Собранието, Африм Гаши, по што ќе се обрати пред пратениците во законодавниот дом.
Руте ќе ја посети и касарната „Илинден“ каде што ќе присуствува на презентацијата на лесна пешадиска баталјонска група (ЛПБГ) на Армијата и на дел од опремата на оваа единица.
На настанот ќе присуствуваат министерот за одбрана Владо Мисајловски, началникот на Генералштабот генерал-мајор Сашко Лафчиски, генерали во Армијата и претставници од Министерството за одбрана.
Ова е прва посета на Руте како генерален секретар на НАТО на Скопје. Тој беше во земјава во ноември 2021 година како тогашен премиер на Холандија.
Во 2023 година во официјална посета на Македонија престојуваше тогашниот прв човек на НАТО, Јенс Столтенберг.
На 03.03.2026 година (вторник), во официјална посета на Република Северна Македонија ќе престојува генералниот секретар на НАТО, Н.Е. г. Марк Руте.
Поради посетата, Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за воспоставување посебен режим на сообраќај во централното градско подрачје на Град Скопје.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите и насоките што ќе ги даваат полициските службеници, со цел безбедно и непречено одвивање на сообраќајот објави Скопје1.мк






