Генерално собрание на ОН: Фронталниот напад на Трамп
Во својот говор пред Генералното собрание, американскиот претседател Трамп остро ја критикуваше работата на Обединетите нации, гледајќи се себеси како подобар посредник за мир. Тој изрази еден вид пофалба за Германија.

Кога новата претседавачка на Генералното собрание на ОН, Аналена Бербок, сакаше да го повика американскиот претседател, таа се колебаше. На почетокот, не беше јасно зошто.нНо, кога Доналд Трамп се качи на говорницата, тој ја разјасни ситуацијата – телепромптерот не функционираше. Кој и да е одговорен за тоа, е во голема неволја, се пошегува Трамп.
Проблемот на Трамп со телепромптерот
Проблемот со телепромптерот му одговараше одлично на Трамп, тоа беше уште една причина да не се држи до неговиот манускрипт или доделеното време за говорење. Наместо 15 минути, претседателот на САД зборуваше речиси еден час, никогаш не зборувал подолго во Обединетите нации.
Тој започна со кампањски говор. Истакна дека наследил земја во голема криза од својот претходник, Џо Бајден. Само осум месеци по преземањето на функцијата, САД повторно се најважната земја во светот, и ниедна друга не може ни да се приближи до тоа.
Салата на Генералното собрание на ОН беше преполна со шефови на држави и влади од целиот свет – првата дама Меланија Трамп беше исто така во публиката, внимателно слушајќи го својот сопруг, кој се прикажа како голем миротворец.
За седум месеци, тој веќе завршил седум војни, за тоа заслужува Нобелова награда за мир. Штета што тој морал да го стори тоа, а не Обединетите нации. ОН дури и не се обиделе да помогне, тврди Трамп.
Конфликтни зони во светот
Во голема мера, говорот на Трамп беше отфрлање на мултилатералната работа на Обединетите нации. Организацијата има потенцијал, но не постигнува ништо. Празните зборови нема да ги завршат војните, изјави тој.
Потоа Трамп го насочи вниманието кон конфликтните зони во светот, вклучувајќи ја и војната во Појасот Газа. Тој го критикуваше признавањето на Палестина, велејќи дека тоа е преголема награда за злосторствата на Хамас. Оние кои сакаат мир треба да се обединат околу една порака: „Ослободете ги заложниците!“
Огромни критики на сметка на Европа
Трамп посвети забележително долго време за темата Европа. Нелегалните мигранти го преплавуваат континентот, а никој не презема ништо во врска со тоа. Тој повеќе не ги препознава градовите како Лондон. Трамп ја критикуваше и посветеноста на Европа за намалување на испуштањето јаглеродни гасови и фокусирање на обновлива енергија. Тој изјави дека енергијата треба да се користи за заработка, а не за губење пари бидејќи е масовно субвенционирана.
Борбата против климатските промени е најголемата измама што некогаш е извршена во светот, додаде Трамп. „Ако не се извлечете од ова, вашата земја ќе пропадне“, предупреди тој.
Претседателот на САД, исто така, ја спомена и Германија. Сојузната Република, рече тој, била на „болен пат“ со миграцијата и енергијата. Новата администрација се вратила на стариот курс со фосилните горива и нуклеарната енергија. Според Трамп, тоа е добро и безбедно.(дв)
Автор: Гизеле Укар, АРД