Генералното собрание на ОН гласа за резолуција која го исклучува Хамас од мировниот процес

Генералното собрание на ОН денеска ќе гласа за поддршка на Њујоршката декларација, предложена од Франција и Саудиска Арабија, која предвидува крај на конфликтот меѓу Израел и Палестинците преку решение за две држави, но без учество на Хамас.

Формално наречена „Њујоршка декларација за мирно решение на палестинското прашање и спроведување на решението за две држави“, документот наведува дека „Хамас мора да ги ослободи сите заложници“ и дека Генералното собрание на ОН ги осудува „нападите што Хамас ги изврши врз цивили на 7 октомври“, пренесе Франс 24.

Декларацијата, исто така, повикува на „колективна акција за ставање крај на војната во Газа, за постигнување праведно, мирно и трајно решение на израелско-палестинскиот конфликт, засновано на ефикасно спроведување на решението за две држави“.

Целта на Декларацијата, која веќе ја доби поддршката од Арапската лига и која во јули ја потпишаа 17 земји членки на ОН, е целосно да се отстрани Хамас од раководната позиција во Појасот Газа.

„Во контекст на завршувањето на војната во Газа, Хамас мора да стави крај на своето владеење во Газа и да го предаде оружјето на Палестинската управа, со меѓународен ангажман и поддршка, во согласност со целта за суверена и независна палестинска држава“, се наведува во декларацијата.

Денешното гласање му претходи на претстојниот самит на ОН, со кој ќе копретседаваат Ријад и Париз на 22 септември во Њујорк, и на кој францускиот претседател Емануел Макрон вети дека формално ќе ја признае палестинската држава.

Велика Британија, Канада, Австралија и Белгија, исто така, најавија дека ќе ја признаат палестинската држава, додека Германија соопшти дека ќе поддржи резолуција на Обединетите нации со која се потврдува палестинската државност според меѓународното право, но дека тоа не претставува формално признавање.

Back to top button
Close