Геополитика: Џеј Ди Венс, непоканет, во посета на Гренланд

Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс во однос на контроверзната посета најави дека сакал да ја придружува сопругата Уша. „Толку многу се крена прашина за нашата посета на Гренланд претстојниов петок и затоа решив дека не сакам сета забава да ја доживее сама“, објави заменикот на претседателот Доналд Трамп во видео снимката на платформата X.

Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс со сопругата Уша
Фотографија: Anna Moneymaker/Getty Images

Во вселенската база Питуфик тој „ќе добие брифинг за прашања поврзани со безбедноста на Арктикот и ќе се сретне со американски војници“. Белата куќа првично објави дека Уша Венс заедно со нејзиниот син – но без нејзиниот сопруг – и американска делегација ќе ја посети автономната данска територија од четврток до сабота. Според извештаите на медиумите, советникот на Трамп за национална безбедност Мајк Волц и секретарот за енергетика Крис Рајт исто така ќе бидат дел од делегацијата – иако посетата повторно беше декларирана како од чисто приватен карактер.

Што сакаат САД од Гренланд?

Ова е веќе второ патување на американска делегација на Гренланд за времена мандатот на Доналд Трамп. Неговиот син Доналд Џуниор веќе еднаш отпатува во главниот град на Гренланд, Нук на еден ден на самиот почеток на јануари – што исто така предизвика бурни реакции. Трамп подолго време го „мерка„ Гренланд. Уште за време на првиот мандат во 2019 година, тој се изјасни дека сака да го купи Гренланд. Тамошните жители уште тогаш со огорченост ја отфрлија идејата. Во неговиот втор мандат, тој повторно искажа претензии да го контролира островот и да го направи составен дел од САД. Таков потег Трамп образложува пред сѐ со безбедносни причини. Гренланд и Данска категорично отфрлаат анексија. Идејата за преземање на Гренланд патем речено воопшто не е нова. Американскиот претседател Хари С. Труман од Демократите по втората светска војна ѝ понуди на Данска 100 милиони долари за островот, што и тогаш беше одбиено.

Големо геополитичко значење

За САД најголемиот остров на светот и де факто е од големо геостратешко значење. Самите САД преку Аљаска се граничат со Арктикот и управуваат со воздухопловна база на северозападниот дел на Гренланд од 1951 година. Базата е важен дел од американскиот систем за рано предупредување за можни напади со интерконтинентални балистички ракети. Според австрискиот  воен магазин „Милитер актуел“, пистата на базата Питуфик се користи за повеќе од 3 илјади летови годишно од САД и од други земји. Базата е најсеверниот објект на Пентагон и во него се наоѓа најсеверното пристаниште во длабоки води во светот. Друга улога играат климатските промени кои многу брзо се одразуваат на Арктикот. Преку топењето на мразот се отвораат нови поморски рути кои претходно беа блокирани во поголемиот дел од годината, или и во текот на целата година. Според прогнозите, ледената прекривка на Арктикот во голема мера ќе се повлекува во текот на летните месеци меѓу 2030 и 2040 година – па така би можеле да бидат воспоставени три нови бродски рути за патување од Пацификот до Атлантикот, кои се значително пократки од досегашните.

Суровини под мразот

На една од овие рути, т.н. Североисточен премин во близина на руското копно, уште од сега Кина и Русија ја прошируваат како трговски пат и поморски пат за транспорт на суровини.

Кој го поседува Гренланд?

Како и во Украина, САД и на Гренланд сакаат да ископуваат ретки руди и други суровини кои се употребуваат за производство на електрични апарати. Таму има и наоѓалишта на метал, дијаманти, јаглен и ураниум. Професорот по политички науки од Келн, Томас Јегер, во интервју за НТВ наведува уште една можна задна намера на Трамп. „Можам да си замислам дека Трамп сака да ги следи стапките на претседателите кои во голема мера ја проширија својата територија – во 19 век, кога САД се проширија на запад, а потоа ја купија Алјаска“, вели Јегер и додава дека тоа од агол на Трамп гледано сигурно „би го вброило меѓу навистина големите претседатели“.

Каков е ставот на народот на Гренланд?

Многу жители не сакаат да паднат под влијание и подолго време протестираат против политиката на Трамп. Премиерот во заминување Муте Егеде уште пред неколку дена посетата на делегацијата ја опиша како „провокација“. Претседателот на Демократите, Јенс-Фредерик Нилсен, зборуваше за „недостаток на почит“. И покрај тоа што програмата за посетата на американската делегација е променета, новинарот од Гренланд, Масана Егеде, за ДР изјави дека дека сè уште се иритирани. „Мислам дека многу луѓе сè уште го гледаат тоа како провокација“, вели тој. И парламентарните избори на 11 март беа под притисокот од изјавите на новиот американски претседател – и затоа се гласаше предвремено. Партијата на премиерот Егеде и неговите коалициски партнери претрпеа значителен минус. Победник на изборите е централно-десничарската партија Демократит.

Изборниот резултат првенствено се смета како знак дека мнозинството жители сакаат независност од Данска. Од 1979 година Гренланд е автономен во многу области. Сепак, за надворешната и одбранбената политика сè уште одлучува поранешната колонијална сила. Поради прекршување на човековите права на Инуитите во минатото, многу жители на Гренланд сакаат конечно да се отцепат од Данска. Притоа е спорно дали независен Гренланд воопшто би можел економски да опстане. Имено, Копенхаген секоја година му префрла на островот еквивалент од околу 550 милиони евра – или една третина од својот буџет. Но и покрај ваквите потешкотии,  многу мал број на луѓе ја поддржуваат идејата да се биде дел од САД. Според истражувањето на данскиот весник „Берлингске“ и гренландскиот весник „Сермитсијак“ од крајот на јануари, 85 проценти од Гренланѓаните одбиваат нивниот остров да биде анектиран од страна на САД. Пратеничката Аја Кемниц од Гренланд, исто така критикуваше на Фејсбук дека е „јасно оти таборот на Трамп не го почитува нашето право на самоопределување без надворешно мешање“.

 

Back to top button
Close