Георгиев до ЕУ: Наместо да го исполни договореното, Владата во Скопје води политика на конфронтации и нови провокации

Оценувајќи ја како најнова во серијата на непотребни провокации, шефот на бугарската дипломатија ја посочува неодамна поднесената иницијатива до Уставниот суд на земјава за оцена на уставноста и законитоста на Протоколот од вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија со Бугарија од 17 јули 2022 година во Софија, која како што вели во писмото до своите колеги до земјите членки на ЕУ, е потег координиран со ВМРО-ДПМНЕ, и треба да биде уште еден изговор Скопје да го избегне спроведувањето на договореното со Софија во јули 2022 година.

Георгиев во писмото наведува дека Бугарија јасно изјавила дека нема понатамошни услови кон својот сосед, освен она што веќе е договорено, и додава дека Софија нема да прифати никакви измени „на консензусот на ЕУ од 2022 година, без оглед на каков било процес, правен или политички, во Северна Македонија“

Шефот на бугарската дипломатија, Георг Георгиев, во официјално писмо упатено до неговите колеги, министрите на земјите членки на Европската Унија (ЕУ), изразува загриженост за, како што вели во него, континуираното одбивање на Северна Македонија да го спроведе Договорот со Бугарија и да ги исполни своите обврски, донесени на ниво на Унијата.

Шефот на бугарската дипломатија, Георг Георгиев / Фото: Министерство за надворешни работи на Бугарија

Писмото на Георгиев, до кое дојде „360 степени“, е со датум од 1 септември, а покрај до министрите за надворешни работи на земјите членки, дополнително е адресирано и до високата преставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Каја Калас и до еврокомесарката за проширување, Марта Кос.

Во дописот, шефот на бугарската дипломатија, го пренесува ставот на Софија дека Владата на С Македонија наместо да се придржува и да го спроведе договорениот пакет чекори, што би го гаранирал нејзиното членство во ЕУ, води политика на конфронтација, обвинувања и постојани негодувања.

„Со растечка загриженост ви го испраќам ова писмо на тема што предизвикува сè поголема фрустрација и за мојата земја и за Европската Унија“,

вели шефот на бугарската дипломатија на почетокот на писмото.

Веднаш потоа, тој потсетува дека во јули 2022 година двете земји се согласиле за конкретни чекори, спакувани во пакет договор, кој би го гарантирал членството на Северна Македонија во ЕУ, а кои, како што наведува Георгиев, било предизвикано од политиката на Скопје, да не ги спроведува на доследен начин преземените обврски.

Оттогаш, вели понатаму, шефот на бугарската дипломатија во дописот, последователните влади во Софија, доследно и праведно се справуваат со ова прашање, потврдувајќи го европскиот консензус, преку имплементација на својот дел од обврските од договорот.

Во таа, насока, Георгиев додава дека Бугарија јасно изјавила дека нема понатамошни услови кон својот сосед, освен она што веќе е договорено.

„Сметам дека е важно да се напомене дека прашањето стана дел од довербата на нашите граѓани во самиот процес на ЕУ – ако сме се согласиле за нешто како Унија, ако споделуваме збир на заеднички вредности и цели, тогаш исходот од нашите договори ќе биде предвидлив и фер“,

вели тој во писмото.Сепак, како што наведува понатаму, другата страна, односно Владата на С Македонија, одбива да ги спроведе конкрените договори.

„Владата на земјата-кандидат сметаше за соодветно да води политика на конфронтација, обвинувања и постојани негодувања, главно против мојата земја, но сè повеќе кон самата Унија. Наместо да гради мостови, активно се обидува да нè испровоцира на дејствија што потоа може да ги користи како примери за понатамошни поплаки, предизвикувајќи каскада од самосоздадени проблеми и блокади“вели Георгиев.

Во таа насока, тој наведува дека според Бугарија, проблемот за статус-квото во преговорите на земјава со Унијата е во тоа што Северна Македонија „чека“, наместо да „работи“.

„Бугарија отсекогаш го побивала аргументот дека Република Северна Македонија чекала предолго – токму ова е проблемот, Скопјe ‘чекало’, наместо да ‘работи’“, вели Георгиев.

„Исмејувањето и дискриминацијата против бугарската заедница (наместо нејзиното договорено вклучување во Уставот), непотребната дебата во Европскиот парламент за прашања што не се поврзани со процесот на пристапување (за кој владата во Скопјe тврди дека го започнала)“пишува министерот за надворешни работи на Бугарија.

Оценувајќи ја како најнова, во оваа според него, серија на непотребни провокации, тој ја посочува неодамна поднесената иницијатива до Уставниот суд на земјава за оцена на уставноста и законитоста на Протоколот од вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија со Бугарија од 17 јули 2022 година во Софија.

Иницијативата што ја поднесе поранешната пратеничка и поранешна претседателка на Демократската обнова за Македонија (ДОМ), Лилјана Поповска, шефот на бугарската дипломатија  ја оценува како апсурден предизвик, координиран со раководството на на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ.

„Свесни сме дека предизвикот е координиран со раководството на ДПМНЕ и дека очекуваниот исход е споменатиот Протокол да послужи како уште еден изговор во поширокиот контекст на политиката на Скопјe да избегне спроведување на она за што сите се согласивме“вели Георгиев.

Во таа насока, додава тој, загриженоста на Софија е што настанува уште еден проблем што го прави С Македонија, со сериозни импликации за перспективата на земјава за членство во Европската Унија.

„Тоа исто така ќе ги принуди и Унијата и земјите-членки да губат дополнително време справувајќи се со таа земја која не сака да стане полноправна земја-кандидат за членство во ЕУ, наместо да се фокусираат на многу посериозните геополитички проблеми на нашето време. Бугарија има Договор со Северна Македонија, за кој очекуваме да биде почитуван и имплементиран во целост. Сигурен сум дека се сеќавате дека споменатото спроведување ‘со добра намера’ беше нагласено во неколку заклучоци на Советот за проширување. ‘Годишните прегледи и мерки за негово ефикасно спроведување’ според член 12 од тој Договор претставуваат јасни политички обврски, на чија имплементација ‘Комисијата ќе посвети посебно внимание’ според став 47 од Преговорната рамка“вели Георгиев.

Во таа насока, тој наведува дека Бугарија нема да прифати никакви измени „на консензусот на ЕУ од 2022 година, без оглед на каков било процес, правен или политички, во Северна Македонија“.

Ставот на Софија, како што вели тој, писмено му го соопштил и на министерот за надворешни работи и трговија, Тимчо Муцунски.

„Очекуваме дека доколку сме се согласиле да не поставуваме дополнителни условувања за земјата кандидат, повеќе од природно е за Македонија да се придржува до истите услови и да се воздржи од постојан обид за отворање нови прашања и поставување нови барања. Како прашање од најголема важност за мојата земја во односите со нашиот близок сосед, но и како уште еден пример за искрениот и директен пристап на Бугарија, писмено му го соопштив нашиот став на министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија, неговата екселенција г-дин Тимчо Муцунски“,вели шефот на бугарската диломатија.

На крајот од дописот, тој вели ги замолува своите колеги од земјите членки на ЕУ да го разгледаат наведеното во писмото и да го земат предвид во нивните разговори со надлежните власти во Скопје.

„Сигурен сум дека зборувањето во еден глас ќе го мотивира нашиот партнер за конструктивно спроведување на договорениот консензус како единствено средство за гарантирање на интеграцијата на Северна Македонија во ЕУ“,подвлекува на крајот Георгиев.

Инаку, информација за писмото е објавена и на официјалната веб-страница на Министерството за надворешни работи на Бугарија.

 

Back to top button
Close