Герапетритис потврди дека Грција добила покана од Трамп за учество во Мировниот совет за Газа

Навистина, потврдувам дека Грција доби покана од претседателот Трамп да стане основачка членка на Мировниот совет. Многу внимателно ги разгледуваме сите соодветни документи, рече министерот за надворешни работи на Грција Јоргос Герапетритис, јави дописничката на МИА од Атина.

Одговарајќи на новинарско прашање на заедничката прес-конференција по трилатералната средба Египет-Грција-Кипар во Каиро, шефот на грчката дипломатија потврди дека земјата добила покана за Мировниот совет за Газа.

– Како што знаете, формирањето на Мировниот совет е согласно Резолуцијата 2803 на Советот за безбедност на ОН, за која Грција, како избрана членка, гласаше позитивно. Грција постојано ги поддржува сите иницијативи што ги унапредуваат мирот, безбедноста и стабилноста и во тој контекст, ќе се координираме со нашите партнери во Европската унија, но и со други важни пријатели и сојузници, како што е Египет, објасни Герапетритис.

Во однос на трилатералната средба одржана со неговите колеги од Египет и Кипар, посочи дека размениле мислења за значајни регионални и меѓународни прашања, разговарале за ситуацијата во Газа, во Иран, за Сирија, Судан како и за важноста на безбедното поморство.

– Преферираме дипломатијата наместо војна и промовираме стабилност во регионот, наместо хаос. Веруваме во соработката и разбирањето, избегнувајќи ја омразата и поделбата. Медитеранот го замислуваме не како регион осуден на конфликти, туку како регион на мирен соживот на сите негови народи и на идните генерации, порача шефот на грчката дипломатија.

Паралелно нагласи дека на состанокот се согласиле дека постои значаен простор за зајакнување и проширување на трилатералната соработка во области како што се економијата, трговијата, туризмот, енергетиката, иновациите и новите технологии.

Back to top button
Close