Герасимовски: Центар е лидер во дигитализација, електронски упис на првачиња, персонализирани известувања од градинки и мерачи на бучава
Инвестираме во дигитализација за да ги направиме општинските услуги побрзи, поефикасни и подостапни за граѓаните. Наша цел е Општина Центар да биде дигитална, интерактивна и блиска до своите жители, вели градоначалникот Горан Герасимовски.

Тој посочи дека општината го развива и надградува ГИС порталот, кој им овозможува на граѓаните брз и лесен пристап до информации и документи, како што се деталните урбанистички планови (ДУП), уписите и податоците за училиштата и градинките.
-Со регистрација во ГИС-от, што се наоѓа на општинската веб-страница, граѓаните можат да проверуваат во кое училиште реонски припаѓа нивното дете и да поднесат електронска пријава за упис. Новина е модулот за градинки, преку кој родителите добиваат персонализиран профил на детето, преку кој се информираат за активностите, присуството и другите известувања од градинката, нагласува Герасимовски во интервју за емисијата „Програма на градовите“ на МРТВ.
Како што информираат од Општина Центар, Зелениот катастар, кој исто така е дел од ГИС-от, овозможува увид во мапираното зеленило, со околу 80 проценти од дрвјата веќе внесени со податоци и фотографии.
Дополнително, Digital Twin, тридимензионалната дигитална реплика на урбаното јадро, овозможува транспарентен пристап до урбанистичките планови и инфраструктурата.
-Во делот на животната средина воведуваме СМАРТ-систем за мерење бучава, со уреди на 30 локации кои ќе ја следат бучавата во реално време и ќе обезбедуваат податоци за брза интервенција на нашите инспектори. Во строгиот центар на градот ќе се постават и три бесплатни WiFi зони во Дебар Маало, Сквер Јадран и Капиштец, истакнува Герасимовски.
-Пред една и пол година завршивме со Смарт програмата за осветлување, со замена на речиси 5.000 улични светилки со енергетски ефикасно LED светло , што ја подобрува видливоста, ја зголемува безбедноста и штеди енергија, нагласува Герасимовски.






