Герасимовски: И во вториот мандат, политиката ќе биде целосно тргната на страна

Актуелниот градоначалник на Општина Центар и кандидат за втор мандат Горан Герасимовски во изјава за МРТ верува дека центарци и во вториот круг ќе го одберат концептот „За Центар што го сакаме“, стои во соопштението на кандидатот за градоначалник на центар од СДСМ, што МИА го пренесува интегрално.

„Се надевам дека сите оние коишто веруваат во нашиот концепт дека и во вториот круг ќе го дадат својот глас за заедно да ја водиме општината и во наредните четири години. Покажавме различност, немавме мнозинство во советот. Претседател на советот беше од друга политичка партија. Но, и сега имаме интересен состав на советнички групи од повеќе политички партии и верувам дека ќе го прифатат истиот концепт којшто го имавме изминатите години. Продолжуваме да работиме во интерес на граѓаните. Сите советнички групи и политиката ќе биде целосно тргната на страна во Општина Центар“, рече Герасимовски.

Тој, потенцираше дека има одлична програма, којашто е пишувана заедно со граѓаните, за разлика од некои против кандидати кои ги имаат копирано проектите од програмата.

„Ние самите проекти ги пишуваме со граѓаните четири години наназад. Нашите буџетски форуми кои ги предлагаме ќе ги направиме во текот на следната недела. Ги слушаме граѓаните. Верувам дека граѓаните ќе го препознаат концептот, во првиот круг го препознаа, верувам дека и во вториот круг ќе го препознаат и ќе ни ја дадат целосната доверба. Ги повикувам сите оние жители, сите оние центарци коишто во првиот круг дадоа глас на одредени политички партии и независни кандидати да ни се приклучат во концептот „За Центар што го сакаме“ за заедно да ја направиме општината поубаво место за живеење на сите“, порача Герасимовски.

Во однос на сметот во Скопје, Герасимовски изјави дека општината испратила допис до ЗЕЛС за свикување на итна седница за да се најде решение за катастрофалниот проблем со кој се соочуваат центарци, но и сите жители на Град Скопје.

„Дури ја повикувам и Владата да се вклучи во решение на овој огромен проблем со кој се соочуваат центарци. Нашите служби се на терен, во две смени. Имаме дополнителна механизација, но не може да се постигне поради тоа што јавното комунално претпријатие неколку дена не излегува на терен за да си ги заврши своите обврски и имаме преполни контејнери на територија на цела општина, на цел град, имаме кучиња скитници кои го разнесуваат ѓубрето. Нема да дозволиме да се шират зарази низ Општина Центар. Ќе направиме сѐ самиот проблем да се санира што побрзо“, истакна Герасимовски.

Back to top button
Close