Герасимовски: Од утре стартуваме со голема акција за чистење на Центар
Градоначалникот Горан Герасимовски пладнево одржа координативен состанок со вработените од јавното претпријатие Паркинзи на Општина Центар – ПОЦ, со цел мобилизирање преку акција за чистење на општината, откако вчера, Градот Скопје повторно потфрли и го остави централното градско подрачје во смет, информираат од Општината.
На состанокот се дискутирало за акцијата која треба да започне утре со чистење на критичните места на територија на Општина Центар.
-Хигиената на Центар мора да ја сочуваме, не смееме да дозволиме поради негрижата од страна на градот Скопје централното градско подрачје да биде во смет. Имаме голем број на поплаки од граѓаните, да не си играме институционален пинг-понг. Доколку градот нема капацитет да ги исчисти улиците во Центар за која е надлежна, тогаш ние ќе си го исчиме ѓубрето. Од утре почнуваме со темелно чистење на улиците, со цистерна, две метларки и камион. Чистотата и здравјето на центарци е најважно, рекол Герасимовски.
Тој порачал дека Градот Скопје мора поажурно да се грижи за хигиената во градот затоа што со негрижата покажува тотална незаинтересираност за граѓаните, загрозувајќи го нивното здравје.