Герасимовски: Општина Центар со свои ресурси помага во гасењето на пожарот во Чучер Сандево

По барањето и апелот за помош на жителите на Чучер-Сандево, која се бори со огнената стихија, Општина Центар со своето јавно претпријатие ПОЦ , активно се вклучи во гасењето на големиот шумски пожар. Во акцијата се ангажирани вработени на ПОЦ и цистерна на Општина Центар, како дел од координираниот одговор на институциите.

Градоначалникот Горан Герасимовски, упати апел до сите граѓани да бидат совесни и претпазливи.

„Во ситуации како оваа, најважни се вниманието, дисциплината и одговорноста. Ги повикувам граѓаните да бидат совесни во овие жешки денови и да се придржуваат до сите препораки на службите и да не преземаат ризични активности во опожарените подрачја”, порача Герасимовски.

Поради сериозноста на состојбата, Општина Чучер Сандево бара од Владата прогласување на вонредна состојба и меѓународна помош.

Општина Центар останува мобилизирана и подготвена да помогне, со сите свои расположливи ресурси, сѐ додека пожарот не биде ставен под целосна контрола.

 

Back to top button
Close