Герасимовски: Отстранети 130 хаварисани возила, го ослободуваме јавниот простор

Општина Центар продолжува со интензивното отстранување на хаварисани возила, ослободувајќи паркинг-места и тротоари, намалувајќи ја загаденоста и зголемувајќи ја безбедноста на јавните површини. Во соработка со ПОЦ, денеска беше расчистен реонот кај Театар Комедија, како дел од пошироката акција за дислокација на возилата што веќе не се во употреба.

Во последните неколку месеци, од подрачјето на Општина Центар се отстранети 130 хаварисани возила. Овие возила зафаќаат јавен простор, го намалуваат бројот на паркинг-места и се потенцијални загадувачи.

„Продолжуваме со решавање на проблемот со хаварисаните возила, кои со години претставуваат пречка за граѓаните. Ги повикувам сите навремено да ги пријавуваат или сами да ги отстранат ваквите возила, со што заеднички ќе придонесеме кон почист и поуреден град,” порача градоначалникот Горан Герасимовски.

Граѓаните можат да пријават хаварисани возила на телефонскиот број 076 350 767. Возилата се транспортираат бесплатно во депото, каде што се врши проценка согласно откупната цена за старо железо.

Сопствениците имаат рок од две недели да ги отстранат возилата. Доколку тоа не се направи во дадениот рок, пајак-службата го презема отстранувањето. Пред тоа, комунален инспектор од Општина Центар залепува опомена на возилото за да го информира сопственикот дека возилото мора да се дислоцира.

Општина Центар останува посветена на создавање чист и уреден јавен простор за сите граѓани.

Back to top button
Close