Герасимовски: Салата „Работнички“ во финална фаза, завршен административниот дел, се уредуваат теренот и трибините
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, денеска изврши теренски увид во реконструкцијата на спортската сала „Работнички“, каде што над 65 проценти од градежните активности се веќе завршени.
Во моментов се работи на инсталациите, внатрешната финализација, како и на горните делови од објектот и фасадата.
Основната бетонска конструкција на гледалиштето е комплетно завршена, а трибините се оформени и поставени метални потпори за седишта. Следната фаза вклучува поставување кошулица и подно греење, а монтажа на подот е закажана за 20 септември.
Во тек се подготовки за поставување семафори и кошеви, како и поставување вентилациони канали за одвод на чад. Во долниот дел од салата се изведуваат работи на тоалетите и соблекувалните.
Административниот дел, каде што ќе бидат сместени спортските федерации, се финализира. 90 проценти од просториите се веќе готови.
Конструкцијата на кровот е целосно завршена, а вградените прозорци овозможуваат природна светлина во просторот.
„Градежните активности одлично напредуваат и веќе се гледа крајот. Федерациите ќе имаат современи услови за работа, КК „Работнички“ ќе се врати во својот дом, а Скопје ќе добие современа спортска сала, како за спортистите, така и за публиката“, изјави градоначалникот Герасимовски.
Реконструкцијата се одвива во две фази, од кои првата е завршена, а сега се реализира финалната втора фаза со која салата ќе добие целосно нов и модерен изглед, усогласен со ФИБА стандардите.
Општина Центар