Герасимовски: Собрани три големи контејнери кабаст отпад и 25 помали контејнери, интензивно го расчистуваме сметот во Центар

Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски денеска информира дека хигиеничарите на општината со целата механизација при денешното чистење собрале три големи контејнери за кабаст отпад и 25 помали контејнери откако ЈП „Комунална хигиена“ и градската власт потфрлија и направија колапс и криза со хигиената во Скопје.

– Интензивно чистиме во сите населби во Центар! Од рано изутрина, почнавме со чистење позади Капиштец, Водно, продолжуваме на повеќе локации во Дебар Маало, Кочо Рацин, Пролет позади Даре Џамбаз. Дел по дел, маало по маало, го расчистуваме целиот смет. Работиме во две смени, со активираност на целата механизација со која располагаме. Изминатава година постојано апелиравме за хигиената, но ги засукавме ракавите и чистиме и онаму кадешто општината нема надлежност, затоа што граѓаните заслужуваат чисти улици и празни контејнери без смет, вели Герасимовски, соопшти Општина Центар.

ЈП „ПОЦ“ организира посебни пунктови и распоред за собирање на угостителски отпад.

– Реализираме нов начин на дистрибуција и депонирање на сметот. Викендов спроведуваме дератизација во училиштата и градинките. Во тек е вонредна дератизација, кадешто во сите 1980 шахти се фрла сертифициран препарат, но потребно е да се изврши и дератизација во сите згради. За тоа, организираме средба со сите управители на згради и куќни совети. Ја подигнуваме хигиената на повисоко ниво. Им благодарам на сите хигиеничари кои со натчовечки напори целиот овој период го чистат и хаосот на градската власт која го преплави Скопје во смет, истакнува Герасимовски.

Тој ги повика компаниите да помогнат со механизација, камиони и логистика, ова е момент кога треба да се покаже општествена одговорност и солидарност.

Back to top button
Close