Герасимовски: Tри години само со македонски артисти на настаните, вака се чува традицијата
Три години концерти со македонски изведувачи. Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски постави нови стандарди на културната програма на која учество имаат исклучиво македонски уметници. За жал тоа не е случај не само во градот Скопје туку не е случај во целата државата.
Општина Центар и Герасимовски, цели три години на сите културни настани ја афирмира домашната македонска музика. Тоа ќе биде случај и со годинешниот трет концерт „Нешто што ќе остане“ кој ја продолжува приказната која во 2023 ја започна Герасимовски.
Денеска градоначалникот на Центар одржа заедничка прес конференција со дел од изведувачите каде најави одлична забава и дружење. На годинешниот музички хепенинг во Паркот на Франкофонија, ќе учествуваат Кристина Арнаудова, Викторија Лоба , Барбара Поповиќ, 2 Бона, Елена Ристеска и Дарио и Миг-21.
Герасимовски на прес конференцијата порача дека општината сериозно работи на заживување на културата и културните настани за сите генерации. Доказ за тоа, како што посочи е зголемување на буџетот за култура од 3 на 13 милиони денари за две години и истиот ќе се дуплира.
„Општина Центар изминатите три години инвестира многу во делот на културата. Почнавме со буџет од 3 милиони денари во 2021 година и истиот го зголемивме на 13 милиони денари во 2025. Тоа покажува дека нашата грижа за културата, културните настани и концерти односно за негување на македонската музика е на највисоко ниво. Нашата заложба продолжува и во иднина, буџетот за следната година го дуплираме на 26 милиони денари, за да им овозможиме на жителите на општината уште поголем избор на културни настани,“ изјави Герасимовски.
Судејќи по атмосферата на минатогодишните концерти оваа сабота следи супер, неповторлива забава во Парк на Франкофонија. Кој е слободен и сака да се забавува, нека провери!