Герасимовски: Во тек исплатата на еднократната парична помош за пензионерите од Центар

Градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски во утринското гостување на „Утрински брифинг” информира дека во тек е исплата на еднократната парична помош за пензионерите, кои се пријавиле на јавниот повик од 3.300.000 денари, информираат од Општина Центар.

– Во услови на економска криза, зголемени сметки за струја и зголемени трошоци за пазарење во пресрет на новата година обезбедивме еднократна парична помош за пензионерите со пензии до 17.518 денари. На повикот се пријавија околу 1500 пензионери и за нив исплата во моментов е во тек. Сигурен сум дека средствата ќе им бидат од помош за поспокојно да ги поминат новогодишните празници, изјави Герасимовски.

Тој говореше и за другите социјални проекти во Општината, а во соработка со општествено одговорните компании најави и доделување на околу 3000 пакетчиња за децата во болниците, во здружението за даунов синдром и во малите групни домови.

Герасимовски ги спомена и капиталните проекти за следната година кои се однесуваат на најголемиот проблем во Центар – паркирањето.

– За следната година, градоначалникот ја најави изградбата на катната гаража на „Народен Фронт” во Капиштец за 260 возила и новата општинска зграда на чија парцела на две нивоа треба да ослободи околу 300 паркинг места, известуваат од општина Центар.

Исто така, тој говореше и за основањето на претпријатието за производство и продажба на струја за кое се спроведува проценка колку би чинело оформувањето и бенефитот.

– Проектот предвидува поставување на фотоволтаици во јавните објекти на училиштата и градинките и јавните претпријатија како ПОЦ, соопштуваат од Општината

Back to top button
Close