Герасимовски: За 4 години потрошив нула денари за патувања и ресторани
Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски информираше дека во изминатите четири години нема потрошено ниту еден денар од општинскиот буџет за патувања, ресторани, за репрезентација и сите тие финансиски средства се пренаменети за социјално загрозени семејства.
„Мојата цел како градоначалник е да ја смениме перцепцијата на граѓаните за тоа како треба да функционира еден градоначалник. Немаме службени автомобили, моето превозно средство е велосипедот, немаме непопуларни трошоци, патни трошоци, непопуларни трошоци за кафеани и репрезентации. Немам ниту еден денар потрошено изминатите четири години за репрезентација, ниту една кафеана, ниту едно патување платено од општината. И сите тие средства околу 30тина, 40 илјади евра се пренаменети за социјално загрозени семејства во општината. Значи, за програмата за социјала, сите средства кои се наменети за овие трошоци, овие четири години“, рече Герасимовски.
Герасимовски, истакна дека кога станал градоначалник општината имала долг од два ипол милиони евра задолжена во делот на новото училиште „Киро Глигоров“ и одредени други проекти кои што се правени во минатото.
„Тој долг е намален за 65% во текот на следната година ќе биде целосно вратен. Дополнително реализиравме 13 милиони евра сопствени средства на граѓаните, за граѓаните за реализација на нова градинка, за училиштето „Коле Неделковски“ со нови училница, ново лето осветлување. Целосно ја реконструираме салата Работнички, имаме големи капитални проекти во интерес на граѓаните“, изјави Герасимовски.