Германија: Целата АфД класифицирана како десноекстремна
Партијата Алтернатива за Германија (АфД) од страна на Сојузната служба за заштита на Уставот е класифицирана во целина како десноекстремна. Службата за заштита на Уставот (БфВ) денеска во Келн (2.05) соопшти дека оценката е донесена поради „екстремистичкиот карактер на целата партија кој не го почитува човечкото достоинство“. Преовладувачкото сфаќање на луѓето во партијата, како што се вели, се конкретизира во севкупниот антимигрантски и антимуслимански став на партијата. „Таа има за цел да исклучи одредени групи од населението од рамноправното учество во општеството, да ги подложи на неуставен нееднаков третман и на тој начин да им додели обезвреднет статус“, оценува Сојузната служба за заштита на Уставот.
Службата од март 2021 година ја следи АфД како сомнителен десноекстремен случај. За таа цел, на разузнавачката служба ѝ беше дозволено да користи разузнавачки ресурси како што се информатори, опсервации и евалуација на јавни и нејавни извори. Според разузнавачите, класификацијата како потврдено десноекстремна значи дека антиуставните стремежи се докажани и во партијата на сојузно ниво. На покраинско ниво, АфД веќе е класифицирана како дефинитивно десноекстремна во Тирингија, Саксонија и Саксонија-Анхалт.
АфД постигна значителен успех на сојузните избори во Германија на 23 февруари. Со 20,8 отсто, таа е втората најсилна парламентарна група во Бундестагот по Унијата (ЦДУ/ЦСУ). Тоа е најголемата опозициска пратеничка група во претстојниот легислативен период на црно-црвената коалиција (Унијата и СПД).
Ќе има ли постапка за забрана на АфД?
Новата оценка на Сојузната служба за заштита на уставот најверојатно повторно ќе ја разгори дебатата за забрана на АфД. Но, во процесот не постои автоматизам: оценката како „докажано десноекстремна“ ниту е предуслов за тоа, ниту пак постапката за забрана е неизбежна последица. Напротив, тоа е политичка одлука: само Бундестагот, Бундесратот и Сојузната влада можат да покренат постапка за забрана со барање до Сојузниот уставен суд, кој потоа треба да одлучи за тоа. Иницијативата за барање за забрана кое би дошло од Бундестагот, покрената од тогашниот пратеник од редовите на ЦДУ, Марко Вандервиц, во јануари пропадна затоа што немаше доволно поддржувачи