Германија, Франција и Велика Британија го повикуваат Иран да преговара за нуклеарен договор
Лидерите на Германија, Франција и Велика Британија го повикуваат Иран да се врати на преговарачката маса по невидените американски напади врз клучните ирански нуклеарни постројки.
-Го повикуваме Иран да се вклучи во преговори што ќе доведат до договор што ќе ги реши сите загрижености поврзани со неговата нуклеарна програма, се вели во заедничката изјава на германскиот канцелар Фридрих Мерц, францускиот претседател Емануел Макрон и британскиот премиер Кир Стармер.
Нападите на САД преку ноќ врз три ирански нуклеарни постројки, во кои, според Пентагон, беа вклучени 14 масивни бомби за уништување бункери, означуваат сериозна ескалација во војната меѓу Израел и Иран и предизвикаа широка меѓународна тревога.
Израел започна големи напади врз ирански цели на 13 јуни, велејќи дека има за цел да ја спречи земјата да изгради нуклеарно оружје, обвинение што Техеран постојано го негира.