Германија и Франција ја поддржуваат стратегијата за развој на НАТО
Германскиот и францускиот министер за надворешни работи Хајко Мас и Жан-Ив Ле Дријан ја поддржаа долгорочната стратегија за развој на НАТО, соопшти француското Министерство за надворешни работи.
– Министрите за надворешни работи на Атлантската алијанса се состанаа за да го разгледаат и да дискутираат за извештајот презентиран од група експерти овластени на последниот самит на НАТО во Лондон. Целта на овој процес беше да се зајакне политичката димензија на Алијансата со давање препораки за нејзино зајакнување, единство, солидарност и кохезија на сојузниците. Ние сме посветени на оваа идеја како инвестиција во иднината на трансатлантското партнерство, велат министрите во заедничката изјава.
– Групата заврши извонредна работа, нејзините препораки се значителни и добро избалансирани. И благодариме на групата за извонредната работа во тешки околности, се вели во соопштението.
Мас и Ле Дријан изјавија дека нивна заедничка цел е да обезбедат НАТО да остане во состојба да одговори на сегашните и идните безбедносни предизвици.
– Безбедноста во 21 век зависи од тоа дали ќе најдеме заеднички одговори на овие предизвици. Затоа, приближувањето меѓу сојузниците е клучно, како што утврди групата. Во овој дух, ние целосно ги поддржуваме препораките за ажурирање на стратешкиот концепт од 2010 година, да ги следиме вредностите и принципите на Договорот од Вашингтон и да ги ревитализираме нашите трансатлантски врски, вклучително и со признавање дека посилните европски одбранбени напори исто така ги зајакнуваат Алијансата и трансатлантското партнерство, се вели во соопштението.