Германија и Украина потпишаа декларација за финансирање на производство на оружје со долг дострел во Украина
Германија ќе ѝ помогне на Украина во производството на оружје со долг дострел, изјави вчера канцеларот Фридрих Мерц на средбата во Берлин со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Но, на прашањето дали би одобрил испраќање на крстосувачки ракети Таурус од германско производство, кои Зеленски многу ги бара, Мерц рече дека нема да го исклучи тоа, но додаде дека тие можеби нема да помогнат веднаш на бојното поле, пренесе ДПА.
– Се разбира, тоа е во доменот на можното, изјави Мерц за јавниот сервис ЗДФ во врска со испораките на ракетите Таурус. Но, тој забележа дека за користење на ракетите би требало неколку месеци обука за војниците во Украина и нагласи дека доколку системот биде испорачан за шест месеци или една година, тоа нема да ѝ помогне на Украина сега.
Затоа Германија, сега ја подобрува својата воена соработка и поддршка со Украина.
– Сакаме да овозможиме оружје со долг дострел. Исто така, сакаме да овозможиме заедничко производство, рече Мерц на прес-конференција во Берлин.
Овој потег претставува „почеток на нова форма на воено-индустриска соработка“ меѓу Германија и Украина, „која има голем потенцијал“, рече канцеларот.
Украина, која повеќе од три години се бори против инвазијата од Русија, има потреба од ракети кои можат да ги напаѓаат руските воздухопловни бази и линиите за снабдување длабоко во руската територија.
Претходникот на Мерц, Олаф Шолц, постојано се спротивставуваше на испораките на крстосувачки ракети Таурус од германско производство поради предупредувањата дека тој потег ќе ги ескалира тензиите со Москва.
Мерц ја повтори својата позиција, првпат изнесена претходно оваа недела, дека сите ограничувања за тоа каде Украина може да користи германско оружје сега се укинати.
Зеленски јасно стави до знаење дека ги сака ракетите Таурус.
– Се разбира дека ни требаат, рече тој.
Кусо време по прес-конференцијата, германското Министерство за одбрана потврди дека министерот за одбрана Борис Писториус и неговиот украински колега Рустем Умеров потпишале „декларација за финансирање на производство на оружје со долг дострел во Украина“.
Пакетот е во вредност од околу 5 милијарди евра (5,7 милијарди долари), соопшти Министерството и наведе дека планот „ќе овозможи производство на значителен број оружје со долг дострел оваа година“.
Коментирајќи ги случувањата, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, го обвини германскиот лидер дека со своите изјави дополнително ја поттикнува војната.
– Ова не е ништо друго освен обид да се принудат Украинците да продолжат да се борат, рече тој, обвинувајќи го Берлин дека ги „торпедира“ напорите за изнаоѓање дипломатско решение на конфликтот.
Во Вашингтон, германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул го обвини рускиот претседател Владимир Путин дека не сака да ја заврши војната
– Русија ја почна оваа војна. Русија го продолжува овој конфликт и не го приведува до крај, рече тој во интервју за Фокс Њуз.
Претходно, Вадефул ги повика Европејците да сторат сè што е можно за да ѝ овозможат на Украина да ја одбрани својата територија.
За време на неговата посета на Вашингтон, Вадефул се сретна, меѓу другите, и со неговиот американски колега Марко Рубио. По нивната средба, Вадефул нагласи дека и покрај постоечките разлики, постои фундаментално усогласување со САД во напорите за постигнување мир во Украина.
Тој го отфрли руското обвинение за поттикнување војна поради залагањето на Германија за заедничко производство на ракети со Украина.
– Ако има некој што не треба да зборува за поттикнување војна, тоа е Песков, бидејќи тој и неговиот режим не само што го прават тоа вербално, туку всушност водат нелегална војна која го крши меѓународното право, рече Вадефул по разговорот со Рубио.
– И затоа нема да му дозволиме на кој било начин да ни држи лекции, рече Вадефул за Песков.
Во меѓувреме, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров за руската државна новинска агенција Тас изјави дека Германија дозволува да биде вовлечена директно во војната со финансирање на производството на украински ракети, што Вадефул го отфрли, истакнувајќи дека Русија е таа што ја нападна Украина