Германија испраќа војници и опрема во Литванија

Германската војска почна да ја зајакнува борбената група на НАТО во Литванија, откако стравувањата од војна со Русија се зголемуваат среде украинската криза, јави ДПА. Првите камиони со залихи за дополнителните војници утринава тргнаа од Мунстер, во Долна Саксонија, јави ДПА.

Шест самоодни хаубици качени на тешки камиони, исто така, во текот на денот треба да заминат за Литванија. Германија испраќа околу 350 дополнителни војници со околу 100 возила во борбената единица на НАТО во Литванија, што е под нејзина команда.

Воздухопловните сили Луфтвафе веќе ги донесоа првите војници на Бундесверот во Каунас, во јужна централна Литванија. Главниот фокус е на зајакнувањето на борбената група со артилериските самоодни хаубици. Зајакнувањата, меѓу другото, се состојат и од извидување, нуклеарна, биолошка и хемиска одбрана (НБЦ), од воена полиција и медицински сили, наведува германското Министерство за одбрана.

Back to top button
Close