Германија прави попис на бункери и засолништа

Германските власти денеска, во време на зголемена тензија со Русија, соопштија дека прават попис на бункери и засолништа за населението во случај на напад и додадоа дека сакаат да го зголемат нивниот број.

– Сите згради, вклучително и приватниот имот, кои би можеле да послужат како засолништа, како што се подруми, гаражи и станици на подземната железница, се попишуваат, изјави портпаролот на Министерството за внатрешни работи за време на редовната прес-конференција во Берлин.

Како што пренесе Бета, неименуваниот портпарол додаде дека ќе биде создаден дигитален директориум со сите бункери за луѓето брзо да ги најдат користејќи ги своите мобилни телефони.

Граѓаните ќе бидат охрабрени да градат засолништа во своите домови, со пренамена на подруми или гаражи.

Германскиот дневен весник „Билд“ го опиша планот како „бункер офанзива“ во земја која се повеќе е загрижена од потенцијална руска закана.

Тековниот попис „ќе потрае некое време“, рече портпаролот.

Клучните точки од програмата за развој на засолништата беа утврдени на состанокот на високи претставници одржан во јуни.

Германија, која има 83 милиони жители, има 579 бункери, главно од Втората светска војна и Студената војна, во кои можат да се сместат 480.000 луѓе.

Од почетокот на војната во Украина во февруари 2022 година, германските власти ја суспендираа продажбата на утврдувањата во државна сопственост. Државата и нејзините администрации продале повеќе од 300 бункери од 2005 година.

Back to top button
Close