Германски фирми финансираат дезинформации на српски медиуми

„Русија е присилена на војна”, во Украина се спроведуваат „етнички чистења”, бездруго Западот ја почна војната во Украина. Сето тоа се искази во влијателни српски медиуми кои може да се пласираат на таков начин без приговор. Зад нив се крие и српскиот претседател Александар Вучиќ, кој голем дел од медиумите во земјата ги држи под контрола. Позанимливо е што според истражувањето на српската НВО Црта, голем дел од тие медиуми се финансираат од рекламни приходи од западни фирми. Околу 63% од рекламите во прекурегионалните телевизии и весници потекнуваат од компании од ЕУ, САД и Швајцарија. „Без тие пари, српската пропагандна машинерија не би функционирала”, вели Раса Недељков, програмски директор во Црта, пишува ДВ.

Речиси десет проценти од рекламите од германски фирми

Германски компании имаат значителен удел и според Недељков се меѓу „најважните чинители на српскиот маркетиншки пазар” со речиси 10% од анализираните реклами. За споредба: приватни и државни српски фирми според Црта заедно имаат удел од 36% во маркетиншките приходи, руски компании само 0,1%. Повеќе од десет германски компании изминатата година се рекламирале во српски медиуми за вредност од повеќе од еден милион евра. „Лидл” има потрошено убедливо најмногу на реклами со вкупно досега 54 милиони евра. Зад него се „Бајерсдорф” со 10,3 милиони евра, „Глово”, што е дел од групацијата „Деливери хиро”, со 5 милиони евра и „Берлин Хеми” со 3,7 милиони евра. И „ДМ”, „Д-р.Тајс”, „Бајер” и „Метро” имале реклами во вредност од преку еден милион евра во различни медиуми. „Повеќе од половина од средствата што ‘Лидл’ ги потрошил на реклами според нашите анализи се завршени во телевизиите ‘Пинк’ и ‘Хепи’, кои се познати по проруска воена пропаганда и неетичко известување”, вели Недељков. „Пинк” според податоци од компанијата за мерење на рејтинзи „Нилсен”, е најгледана комерцијална телевизија. И сите други германски фирми според анализата на Црта се рекламирале на телевизијата „Пинк.”

 

Лоша слика за ЕУ

Телевизиите „Пинк” и „Хепи” се меѓу најекстремните медиуми во земјата. Тука во однос на војната во Украина се шири пред сѐ рускиот наратив. Па така се презема и руската дезинформација за наводна „денацификација”, или злосторствата, кои веројатно ги извршиле руски војници во Буча, се претставуваат како манипулација. Вината за војната се префрла врз НАТО. Исто така постојано се појавува и дезинформацијата за биолошки лаборатории. Покрај тоа, ЕУ се претставува во лошо светло. Меѓу другото, се тврди дека нема слобода на говорот во ЕУ. Во друг прилог се вели дека единствениот „глас на разумот” во ЕУ бил унгарскиот премиер Виктор Орбан. По земјотресите во Турција и Сирија, САД беа обвинети дека ја предизвикале катастрофата. И други медиуми кои имаат голем аудиториум шират слични ставови – како на пример телевизиите „Прва” и „Б92″, или весниците „Информер” и „Вечерње новости”. И тука повеќе германски компании се рекламирале за повеќе од еден милион евра. „Сите влијателни медиуми, без разлика дали се телевизии, онлајн или печатени, се на иста линија”, вели Тоѓас Брај, долгогодишен шеф на регионалната канцеларија на новинската агенција ДПА во југоисточна Европа. „Само нијанси се во прашање”, вели тој.

„Пратеник на Либералите апелира на европските вредности

Томас Хакер, пратеник од Либералите, од германските компании бара подобро да анализираат каде ќе се огласуваат. „И како компанија треба да гледам во каква ситуација е светот и да се прашам каков тип на пропаганда финансирам?” Со оглед на тоа дека Србија е помала земја од Германија, таквите суми според него таму прават разлика. „Затоа германските фирми треба да внимаваат да имаат реклами во медиуми кои застапуваат европски вредности”, вели Хакер. Тој не мисли дека се работи за свесна одлука на компаниите да поддржуваат медиуми со такви содржини, туку дека им е битно да допрат со рекламите до што е можно поголем број гледачи. „Но, и покрај тоа, фирмите имаат одговорност при изборот на медиумот во кој се рекламираат”, смета Хакер. Пратеникот од Зелените, Борис Мијатовиќ, однесувањето на германските компании го оценува како „спорно”, особено во контекст на руската војна во Украина. „Тоа не е во интерес на западноевропската политика, ако со 20 милиони евра се поддржува рускиот наратив”. Тој си посакува јавноста повеќе да се занимава со таквите практики на бизнисите.

 

Економските интереси во прв план?

Недељков се сомнева во „незнаењето“ на компаниите. „Овие компании имаат локални канцеларии и вработени, локални маркетинг и медиумски агенции”, вели тој. „Професионалниот углед на овие медиуми е општо познат факт и секако ќе го знаете и ако живеете или работите само определено време во Србија,“ вели тој. Поради тоа Недељковиќ се сомнева дека токму дострелот е она што ги прави овие медиуми привлечни за компаниите. И Александра Томаниќ, раководител на Европскиот фонд за Балкан, ја гледа одговорноста кај германските компании. „Особено во контекст на минатата година и со оглед на тоа колкави жртви поднесоа германската економија, германската политика и населението во Германија, само за јасно да се позиционираат од морален аспект, ова не е прифатливо.“ Кога овие компании на пример би се рекламирале на руските канали „РТ” или „Спутник”, бесот би бил огромен. Српските медиуми во најмала рака се исто толку лоши, а се легитимираат и финансираат преку рекламите од западни компании. „Профитот на компаниите не може да биде изговор за сѐ“ смета Томаниќ. „Има и морална и општествена одговорност. Не можете да зборувате за слободна пазарна економија во Србија ако ги погледнете условите и политичкото влијание. За жал, Србија едноставно во моментов веќе не е демократија,“ категорична е Томаниќ.

 

Компаниите ја отфрлаат одговорноста

На прашање на АРД, компаниите не сакаа да откријат колку пари дале за реклами во српските медиуми минатата година. Портпарол на „Лидл Србија” изјави дека одлуката за тоа каде ќе се емитуваат реклами се носи „врз база на маркетинг анализа, како на пример досегот, со цел најдобро да се допре до нашите сегашни и потенцијални клиенти.“ Понатаму вели дека „одлуките за конкретни мерки и активности се носат на национално ниво во земјите каде има „Лидл” маркети и се користат локалните медиуми во комбинација со специфичните околности во овој домен во секоја земја.“ Тие не одразуваат политички став на компанијата.

Портпарол на „МЕТРО Србија” изјави дека компанијата во рамки на нивните маркетинг активности соработува со голем број медиуми за што поефикасно да допре до нивните таргет групи. Но, „секогаш се водиме од комерцијални цели и никогаш не се мешаме во политиката“, додава тој. „Глово”, на прашањата на АРД одговори дека на компанијата и` е најважно „нашите реклами да не се поврзуваат, ниту мешаат со несоодветна или нелегална содржина.“ Притоа нагласуваат дека буџетот за медиуми за телевизиите во Србија минатата година бил „многу помал“ од минатогодишните проценки. „ДМ Србија” на прашањата на АРД изјави дека компанијата соработува со „ТВ Пинк” бидејќи оваа телевизија „има најголема покриеност во земјата“. Од „ДМ Србија” нагласуваат дека главен критериум за избор на медиуми им се „целните групи, дострел како и програмската шема“. „ДМ Србија” кај една телевизија препознава јасен проруски и антизападен став „со која не соработуваме“, велат од компанијата.

И портпаролот на „Баерсдорф” вели дека компанијата во основа се рекламира на канали преку кои „имаме најголем досег и ефикасно допираме до нашите потрошувачи“. Меѓу нив во Србија е и „ТВ Пинк”. „Бајер” најави дека ќе го истражи случајот. Од компанијата „Д-р.Тајс” и „Берлин хеми АГ” нема коментар.

 

„Скандал за кој не се зборува доволно”

Покрај компаниите, експертите сметаат дека и ЕУ е повикана, затоа што замижува пред фактот што претседателот Вучиќ речиси целосно ги има ставено медиумите под контрола. „Многу српски медиуми се како продолжен гласноговорник на Вучиќ,“ вели Бреј. „За опозицијата нема ни збор,“ додава тој. Тоа се поклопува со друга анализа на Црта, според која на „ТВ Пинк” во 2022 година имало 258 преноси во живо од настапи на Вучиќ, а три четвртини од вестите биле резервирани за претседателот. И Томаниќ исто така смета дека најголемиот проблем е пасивноста на ЕУ.

„Познато е дека демократијата и слободата на медиумите во Србија се нарушени. Тоа е скандал за кој во ЕУ премалку се зборува, а уште помалку се делува.“ Според српското Министерство за евроинтеграции, во декември 2022 година само 43% од Србите го поддржувале зачленувањето на земјата во ЕУ, што е најниско досега. Ова е и покрај фактот што ЕУ е најважниот трговски партнер и најголем донатор во Србија. Во ноември 2009 година дури 73% од испитаниците биле за членство на земјата во Европската унија. Во светло на преговорите за договор околу косовското прашање, ЕУ не сака експлицитно да го критикува Вучиќ, забележуваат експертите. А недостатоците се очигледни, вели Бреј. „Судството е под контрола, нема ниту една независна институција. Медиумите се централизирани и цензурирани, во економијата доминираат државата и олигарсите блиски до власта,“ вели тој.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close