Германски неонацисти: Некои за Путин, некои за Азов

Германските неонацисти се збунети од руската инвазија на Украина: Кого да поддржат? Автократскиот владетел на чело на Русија или националистички екстремни десничари кои се борат на украинската страна?

    

 

Екстремно десничарските организации во Германија никако да најдат заеднички став за руската инвазија на Украина. Некои го поддржуваат авторитарниот владетел на чело на Русија и неговото противење на НАТО, додека други изразуваат солидарност со екстремните десничари од Азовскиот полк.

Нешто повеќе од половина од германските неонацисти покажуваат склоност кон украинската страна, вели Никлас Потер, новинар и истражувач во фондацијата Амадеу Антонио, една од водечките германски неонацистички истражувачки организации.

Сепак, постои важна разлика меѓу мнозинството украински борци и десничарските екстремисти, тврди тој, додавајќи: „Тие партии, поединци, движења не се убедени демократи кои веруваат во независноста на Украина и ја поддржуваат владата на еврејскиот претседател Зеленски. Би било погрешно да се тврди дека тие се борат за истите идеали како и повеќето Украинци“.

Јоханес Кис е експерт за десничарски екстремизам на Институтот „Елзе Френкел-Брунсвик“ на Универзитетот во Лајпциг. Тој вели дека германските неонацисти ја поддржуваат Украина пред сѐ поради нивните врски со тамошните екстремистички десничарски групи: „Во боречките вештини и на хулиганската сцена, како и во неонацистичкото милје, има врски низ цела Европа. И во Полска. Тоа не е само германско-украинска работа“.

Проукраински нацисти 

Релативно отворена поддршка за Украина дава екстремно десничарската партија Трет пат (Der III. Weg), мала партија основана во 2013 година од милитантни неонацисти. Има само неколку стотици членови.

Германската служба за заштита на Уставот идентификуваше вкупно околу 13.000 германски неонацисти, кои се подготвени да употребат насилство. Минатиот октомври партијата се најде на насловните страници, бидејќи повика на „граничен марш“ на германско-полската граница за фаќање мигранти. Полицијата брзо им ја спречи намерата.

Групата не само што покани говорници од редовите на тогашниот паравоен украински баталјон на Азов, туку и нејзините членови учествуваа во вежбите на Азов. На веб-страницата на партијата се наведува дека „го отфрла рускиот империјализам чија цел е повторно воспоставување на Советскиот Сојуз“ и бара сместување за украинските националисти и нивните семејства.

Ukraine Volunteer Day in KiewУкраинскиот полк Азов

Според Потер, „Третиот пат“ ја гледа Европа како сојуз на белите нации. Според тоа толкување, Украина како нација на бели луѓе има право на самоопределување. Покрај тоа, германските неонацисти често и завидуваат на силата на украинското екстремно десничарско движење и на нивните паравоени единици.

Покрај сето ова, германската крајна десница има историски предрасуди за Русија. Иако Русија очигледно повеќе не е комунистичка земја, Потер истакнува дека антикомунизмот игра интересна улога: „Тоа е речиси бизарно. Како буквално да веруваат во пропагандата на Путин. Тој вели дека сака да ја изврши денацификацијата на Украина и тоа го гледаат како некаква лева, антифашистичка опасност“.

Познавачите на ова милје забележуваат дека на социјалните мрежи често се зборува за можноста да се оди во борба во Украина, по можност во редовите на Азовскиот полк.

Полкот Азов беше формиран во 2014 година како волонтерска милиција која се бореше во источна Украина против проруските сепаратисти. И покрај обвинувањата за склоност кон неонацизам, како и за тортура и воени злосторства, полкот беше интегриран во Украинската национална гарда во ноември 2014 година по руската анексија на Крим. Во годините што следеа се формираше политичкото движење Азовско, кое немаше значаен успех на изборите.

Сепак, сè уште нема цврсти докази дека германски неонацисти се приклучиле на Азов. Според германското Министерство за внатрешни работи, од сите познати неонацисти забележани од Службата за заштита на Уставот, само 27 од нив изразиле подготвеност да отпатуваат во Украина за да се борат. Се претпоставува дека во Украина ги има помалку од пет, но не се знае дали учествуваат во борбите и во кои единици.

Сојуз за Путин 

Рускиот претседател Владимир Путин може да смета и на поддршката на екстремната десница во Германија. На социјалната мрежа Телеграм, член на десничарската виртуелна група „Слободни Тирингијци“ изјавил дека под актуелниот шеф на Кремљ мажите повторно се мажи, трошоците за енергија се намалуваат, „исламизацијата“ запира, а левичарите се затвораат.

Групата „Слободни саксонци“ најотворено застана на страната на Путин. Основана е минатата година и се нарекува чадор организација која дозволува членство и во други организации. Има преклопувања со движењето на противниците на вакцинацијата и антипандемиските мерки. За нив НАТО е дел од глобалниот заговор кој ја поттикна војната.

„Сосема е јасно дека оваа група идеолошки ја сочинуваат партнерите на Путин. Но, тоа би го рекол за целата сцена на теоретичарите на заговор“, вели Јоханес Кис.

Treffen Lawrow mit Vertretern der AfDСредба на министерот Лавров и претставникот на Алтернатива за Германија во 2020 година

И поголемите екстремно десничарски партии во Германија се во дилема. Алтернатива за Германија има потешкотии да најде заеднички став. Водечките фигури на партијата, како Тино Хрупала, првично се приклучија кон осудата на руската интервенција во Украина, а на ниво на покраините, политичарите на партијата се многу помалку одлучни. Бјорн Хеке, лидер на екстремната десница на партијата во Тирингија, ги опиша Украинците како „жртви на глобален геополитички конфликт меѓу НАТО (Запад) и Русија (Исток)“.

„Тие се идеолошки многу блиски со Путин. Тие сакаат силен лидер, тие се против модерната демократија и родовата еднаквост“, објаснува Кис. „Се разбира, исклучително е тешко кога јавното мислење и повеќето луѓе во Германија многу јасно гледаат кој ја започна војната и дека војната е страшна“.

Отфрлањето на Путин на западните институции како НАТО или ЕУ се совпаѓа со мислењето на многу граѓани во источна Германија. Тие се скептични за членството во Европската Унија, а остатокот од културната емпатија кон Русија е дел од историската врска со Истокот.

Кис смета дека Алтернатива за Германија ќе ја искористи оваа криза за реторика против владата: „Мислам дека Алтернатива за Германија ќе се обиде да го намали значењето на војната и да ја потисне штом дебатата во Германија ќе се префрли на терен на енергетската безбедност и цената на енергијата“.

извор: ДВ

Back to top button
Close