Германски суд: Антисемитски каменорез од средниот век останува на црквата во Витенберг

Германскиот Врховен суд одлучи дека средновековен каменорез со антисемитски особености, може да остане кај црквата во градот Витенберг, отфрлајќи ја постапката на тужителот од еврејско потекло, кој со години тврди дека тој приказ ги навредува сите Евреи.

Рељефот „Јуденсау“ или „еврејска маторица“ е каменорез од 13 век поставен на предната страна на градската црква и претставува навредлива карикатура на рабин, свиња и еврејски деца под неа. Во време кога политичарите предупредуваат на можен пораст на антисемитизмот во Германија, пресудата е своевиден потсетник на широко распространетите антиеврејски чувства уште во средниот век.

Тужителот води судска битка за отстранување на каменорезот од 2018 година.

„Судот одлучи дека рељефот на фасадата на црквата во Витенберг не мора да се отстранува“, се вели во соопштението на судските власти.

Споменатиот приказ е еден од дваесетина слични средновековни уметнички дела коишто сѐ уште се наоѓаат по црквите низ Германија и на други места во Европа. Во 2020 година, и Високиот регионален суд во Наумбург одлучи дека рељефот во Витенберг, поставен на околу четири метри над земјата, не претставува прекршок.

Историјата вели дека во спорната црква во Витенберг во 1517 година проповедал и германскиот реформатор Мартин Лутер, инаку познат антисемитист.

 

Back to top button
Close