Германскиот министер за внатрешни работи предупредува на растечко насилство кај младите екстремисти
Германскиот министер за внатрешни работи, Александер Добринт, предупреди за растечка склоност кон насилство кај младите екстремисти од десницата, пренесе ДПА.
– Гледаме значително зголемување на радикализацијата кај младите луѓе. Склоноста кон насилство кај младите силно расте во десничарската средина, изјави конзервативниот баварски политичар за „Функе Медија Груп“.
Безбедносните сили ја идентификувале оваа тенденција и кај левите екстремисти и кај младите исламисти.
– Зголемувањето на политичкото насилство е уште еден знак за деструктивен механизам во општеството. Државата мора да се спротивстави на тоа преку комуникација и образование, нагласи Добринт, додавајќи дека проблемите со кои се соочуваат младите исто така треба да се решаваат.
Спречувањето на политички мотивираното насилство треба да се одвива првенствено на локално ниво, објасни Добринт.
– Образованието против оваа екстремна пропаганда може најдобро да се обезбеди од локалните мрежи во градовите и општините, како на пример во училишта, клубови или младински центри, рече тој.
Луѓето во локалните институции „можат најдобро да почувствуваат кога еден млад човек се радикализира. И во идеален случај, тие имаат најдиректно влијание врз поединецот“, истакна германскиот министер.
Претседателот на Федералната криминална полиција, Холгер Мунк, неодамна предупреди дека криминалните десничарски младински кругови се прошируваат, велејќи дека спротивставувањето на тоа е задача на целото општество.
На крајот на мај, обвинителството уапси пет многу млади лица, осомничени за припадност на десничарска терористичка ќелија.