Германскиот претседател Штајнамаер ја поддржува задолжителната воена служба во Бундесверот

Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер се изјасни за воведување нова форма на задолжителна воена служба за зајакнување на вооружените сили на земјата, кави ДПА.

Германија ја суспендираше регрутацијата во 2011 година, но таа останува вградена во Основниот закон, што е де факто Устав на Германија, и таа може да се врати со просто мнозинство во парламентот.

-Сега ни е неопходна дебата за регрутацијата, изјави Штајнмаер за јавниот радиодифузен сервис ZDF во интервју кое треба да се емитува вечерва, пренесува ДПА.

„Јас сум за задолжителна воена служба“, повтори претседателот, оправдувајќи го својот став со променливата безбедносна ситуација во Европа, војната на Русија во Украина и ставот на американската администрација кон трансатлантските односи.

Штајнмаер рече дека министерот за одбрана Борис Писториус е во право што се стреми да го направи попривлечно приклучувањето кон германските вооружени сили- Бундесверот.

Но, додаде, дека никој не знае дали тоа ќе биде доволно.

„Затоа сега ни е потребна дебата за регрутацијата, дури и ако не можеме да ја спроведеме преку ноќ“, додаде тој.

Општа задолжителна служба, која би важела и за жените, меѓутоа, ќе бара измена на Основниот закон.

Германската влада на канцеларот Фридрих Мерц се обврза да бара доброволна воена служба како дел од својот коалициски договор, а министерот Писториус планира засилувањето на Бундесверот да го почне со 15.000 нови доброволни регрути.

Back to top button
Close