Германските автоконцерни експлоатираат српски работници?
Виолетова коса прошарана со сиви кадрици околу лицето. Си гледа во рацете. Вели дека се уморни од работа. Мирјана Нешиќ за ДВ раскажува дека пред да оди на смена пие лекови против болки, но дека веќе едвај ѝ помагаат. Во фабриката се работи под висок притисок.
Мирјана зборува за „психолошка тортура“, за недостижни норми, за забрана за одење во тоалет. Српски медиуми објавија дека работниците биле обврзани да носат пелени додека работат. „Ми се гади кога ќе влезам таму“, вели Мирјана. По смената ѝ се потребни лекови за да заспие.
Оваа 50-годишна жена веќе тринаесет години работи на производствената линија во јужнокорејската компанија Јура во Лесковац, Србија. Таа прави кабли за автомобили, кои сосема е можно еден ден да завршат во некој елегантен Мерцедес.
Мирјана не е изолиран случај. Бројни медиуми и синдикати известуваат дека не само добавувачот Јура, туку и кинеската компанија Линглонг и германскиот добавувач Леони ги експлоатираат српските работници. Сите тие фирми се лиферанти на германските автопроизводители како Мерцедес, Ауди, Фолксваген или БМВ.
Владее страв
Германскиот закон за синџирите на снабдување, чија цел е да ги заштити работниците како Мирјана, е на сила уште од 2023 година. Според него, компаниите се обврзани да обезбедат усогласеност со човековите права и заштитата на животната средина низ комплетниот синџир на снабдување, вклучително и правото на заштита на здравјето и безбедноста при работа, правото на правични плати и правото на формирање синдикати.
Во преписка меѓу Самостојниот синдикат на работниците од металната индустрија на Србија со компаниите Мерцедес и Ауди од годинава, синдикатот ја обвинува компанијата Јура за кршење на овие права. Во преписката се вели дека работниците често се исцрпени, платите се мизерни и луѓето се изложени на опасни хемикалии. Покрај тоа, не им се почитува правото на штрајк и на синдикални собири.
Предраг Стојановиќ, кој се ангажира во синдикатот, за ДВ раскажува дека кога водел кампања за заштитни мерки за време на пандемијата на корона, бил отпуштен од работа. Стојановиќ тужел и добил на суд. Тој и Мирјана се меѓу ретките работници кои воопшто се осмелуваат да зборуваат со новинарите. Мирјана штрајкуваше во јуни годинава со околу половина од работниците во Лесковац. „Колегите ме прашуваа како се осмелувам да го правам тоа. Мислат ли дека никој од нас не се плаши?“, вели таа и додава дека нештата веќе не може да продолжат како досега.
Ауди и Мерцедес реагираат по наводите
Јура испорачува за германскиот производител на автомобили Ауди, кој е дел од групацијата Фолксваген, како и за Мерцедес. Ауди за ДВ вели дека ги „истражуваат“ наводите за условите за работа во Јура. Од Мерцедес одговорија дека мошне сериозно ја сфаќаат целата работа и дека откако дознале за наводите, се заложиле за објаснување од добавувачот. Покрај тоа, независна ревизорска компанија е задолжена да спроведе меѓународно призната проценка на одржливост. Во случај да се утврдат пропусти, ќе се преземат мерки. Јура до редакцискиот рок не одговори на обвинувањата.
Недоволно информации
Германскиот закон им овозможува на засегнатите, синдикатите и на невладините организации да преземат мерки против кршење на човековите права или загрозување на животната средина. Жалби може да се поднесат до Сојузната служба за економија и контрола на извозот во Германија, или скратено БАФА. Службата може и самата да постапи по допрен глас. Службата ги разгледува наводите и би можела да им изрече казни на засегнатите германски компании.
По завршување на постапката, подносителите добиваат повратни информации. Синдикатот на металските работници ја поднесе својата жалба за експлоатација во Јура до БАФА во јуни 2024 година, но сè уште не добил никаков повратен одговор.
Анабел Бригеман, правна советничка во организацијата за човекови права Европски центар за уставни и човекови права (ЕЦХР), за ДВ вели дека тоа ѝ е познато од нејзините претставки. БАФА навистина ги испитува наводите, но засегнатите не се вклучени во процесот. „Некои случаи траат повеќе од една година, но не знаеме што БАФА бара од компаниите“, вели Бригеман.
БАФА наведува дека досега се примени 221 жалба, од кои три од Србија. 161 биле оценети како неосновани, со што остануваат уште 60 „активни“ жалби. Досега БАФА нема изречено ниту една единствена санкција.
Голем медиумски одек во Србија
Српски медиуми како Н1, неделникот Време, информативниот портал Јужне и синдикатите јавуваат дека и други добавувачи ги експлоатираат работниците, како што е германската компанија Леони – која е во мнозинска сопственост на кинескиот концерн Луксшер од септември 2024 година – и кинескиот производител на гуми Линглонг.
Леони е лиферант на баварскиот производител на автомобили БМВ, а Линглонг ја снабдува групацијата Фолксваген. ДВ разговараше со двајца работници од Леони кои исто така зборуваат за експлоататорски услови за работа. Работничка во Леони од Прокупље вели дека нејзината секојдневна работа е „психолошки терор“ и дека има „ниска плата, апсурдни норми и шиканирање“.
Контрола и смирување
Од Леони ги негираат наводите на вработените и за ДВ велат дека „во секоја организација од вакви димензии има неодговорни лица кои ги прекршуваат интерните правила и упатства“, што, според нив, се третира строго дисциплински сѐ до отказ на работниот однос.
БМВ објави дека многу сериозно ги сфаќа наводите, ги истражува и – по прашањето од ДВ – побарале објаснување од Леони.
Од Фолксваген во краток одговор велат дека не коментираат наводи од „поединечни индивидуални“ обвинувања против добавувачите. Сепак, сите наводи ќе бидат темелно и без одлагање истражени.
Што недостасува во законот?
Според Анабел Бригеман, еден од проблемите е што вработените често не се информирани за Законот за синџирите на снабдување, и „дали се дел од синџирот на снабдување на германска компанија“.
Освен тоа, законот е разводнет во однос на првичната замисла, посочува Хендрик Симон, политиколог во Истражувачкиот институт за социјална кохезија (ФГЗ). „На пример, клаузула за граѓанска одговорност тотално е изоставена“, вели тој.
Се чека на Брисел
Тоа би се променило со Законот за европскиот синџир на добавувачи кој беше усвоен годинава. Тогаш жртвите ќе имаат можност да ги тужат компаниите пред граѓански судови во земјите-членки на ЕУ и да бараат отштета. Правото на ЕУ принципиелно има приоритет над националното право.
И покрај недостатоците, експертите со кои зборуваше ДВ гледаат многу потенцијал во Законот за синџирот на добавувачи. Клучно сепак е колку БАФА ќе го спроведува законот. Голема улога игра и транснационалното вмрежување на синдикатите и граѓанското општество за да може да се информира за можностите за жалби и претставки и за да се врши притисок. Работничката од Леони сепак мисли дека за неа нема да се смени ништо. „Ќе направам сѐ што можам за да си најдам друга работа“, вели таа.
Ова истражување е направено со поддршка на „Journalismfund Europe“.