Германските компании ќе бидат законски обврзани за одговорно и етичко однесување кон нивните добавувачи

Од 1 јануари 2023 година Германија воведува закон за корпоративна должна одговорност на брендовите односно на германските компании кои произведуваат преку синџир на добавувачи, со што законски се регулира унапредувањето на условите за работа и правата на работниците во компании во земјите со кои тие соработуваат.

Новата легислатива во Германија ги обврзува германските компании на одговорно и етичко однесување во нивниот синџир на добавувачи/снабдувачи меѓу кои се и компаниите во Северна Македонија, пред сѐ од текстилната, метало- и електропреработувачката индустрија.

Делегацијата на германското стопанство во Северна Македонија, Фондација „Фридрих Еберт“- Скопје и Фондација „Fair Wear“ денеска организираа тркалезна маса за да ги запознаат компаниите и работодавците со законот и да се разгледаат нивните очекувања и можностите.

Билјана Шолаковска-Михајловска, регионален координатор за Источна Европа од Фондацијата „Fair Wear“, изјави дека со законот се очекува брендовите да имаат одговорност во целиот синџир на добавувачи, што ја таргетира и нашата земја со оглед на тоа што околу 70 проценти од текстилното производство е за германскиот пазар.

Според неа, целта на корпоративна одговорност е овозможување солидни, фер и достоинствени услови за работа зашто тоа значи и задоволни работници. Најкритични категории во условите за работа во Северна Македонија, рече таа, се платите што работниците ги добиваат, прекувремената работа, заштитата, безбедност и здравје при работа.

– Самите купувачи од Германија законски ќе бидат обврзани да ги следат и почитуваат човековите права, особено во делот на работничките права во оние компании во кои произведуваат ширум светот, меѓу кои и во нашата земја. Идејата е сите брендови кои набавуваат од добавувачи во Македонија и во други земји да имаат споделена одговорност и да ја преземат одговорноста за условите да бидат на ниво и стандарди кои се универзално прифатени во Европа и светот. Се поаѓа од конвенциите на Меѓународната организација на трудот, насоките на ОЕЦД, декларациите на Обединетите нации, истакна Шолаковска-Михајловска.

Македонски работници од текстилната индустрија работат и за пазарите на други европски земји, но Германија е прва која донесе ваков закон. Таа посочи дека Франција и скандинавските земји имаат рамки кои не се јасно дефинирани во однос на постојните универзални декларации за човекови права.

– Но, во овој период во фаза на предлог се поднесува регулатива до Европската комисија која се очекува да биде применлива за една до две години за сите земји членки на Европската Унија. Законот на Германија кој ќе стапи во сила од 1 јануари 2023 година и компаниите кои ќе бидат опфатени со него ќе дадат пилот-насоки како понатаму треба да се дефинираат сите законски рамки, додаде Шолаковска-Михајловска.

Директорот на Делегацијата на германското стопанство во Северна Македонија, Патрик Мартенс, истакна дека законот првично се однесува на компаниите во Германија кои, како што рече, ќе треба повторно да се преориентираат, но законот ќе има влијание и на компаниите кои се добавувачи односно снабдувачи на германските компании.

-Германските компании сега се пред нови предизвици и нова законска одговорност. Во прва линија на законот се работничките и човековите права односно одговорноста кон овие права која треба да биде испочитувана. Законот наметнува една нова шанса меѓу работникот и работадавачот. Исто така, се воведува и механизам со кој компаниите купувачи ќе бидат известувани за тоа колку се спроведуваат работничките и човековите права во компаниите добавувачи односно производители, рече Мартенс. Според него, на македонскиот и на пазарите во регионот правата се почитуваат и работниците имаат добри услови за работа.

Back to top button
Close