Германските конзервативци денеска ги започнуваат коалициските разговори со СПД

Германскиот победнички конзервативен блок денеска треба да ги започне коалициските разговори со централно-левичарските социјалдемократи (СПД) на канцеларот во заминување Олаф Шолц, во обид да ја формираат следната германска Влада, јави ДПА.

Откако обезбедија јасна победа на парламентарните избори во февруари Демохристијанската унија (ЦДУ) и нивната баварска сестринска партија Христијанско-социјалната унија (ЦСУ) во прелиминарните разговори со СПД се договорија за голем број клучни точки за работаата на идната влада, додава германската агенција.

Од денеска 16 работни групи, секоја составена од 16 претставници на ЦДУ, ЦСУ и СПД, треба да водат преговори за деталите од заедничката владина програма.

Предвидено е работните групи да се состануваат следните 10 дена, а за координацијата ќе се погрижи управувачка група. Нивната работа потоа треба да биде предадена на преговарачка група, која треба да ги вклучи лидерите на секоја партија.

Евентуалниот нацрт-коалициски договор потоа ќе им биде ставен на одобрување на трите партии.

СПД, потсетува ДПА, веќе соопшти дека би сакала да се консултира со своите членови за нацрт-договорот.

Лидерот на ЦДУ и иден германски канцелар , Фридрих Мерц, изјави дека има за цел Германија да ја добие новата влада до средината на април.

Back to top button
Close