Героски и Зеколи во акција
Бранко Героски ја шири (не ја пренесува) патолошката омраза на Арсим Зеколи кон СДСМ и кон Македонците во целина.
Зеколи и Ким Мехмети континуирано говорат дека Македонците ги мразат Албанците, дека се фашисти и србокомунисти и нема разлика меѓу нивните партии.
Тој патолошки говор на омраза од луѓе кои медиумите ги нарекуваат некакви политички аналитичари и интелектуалци останува неказнет и ги труе и влошува систематски односите меѓу Албанците и Македонците. Цели партии се обвинети за фашизам.
Зошто го прават тоа и со каква цел веројатно само ним им е јасно.
А годинава прославивме 22 години од потпишувањето на Рамковниот мировен договор. Тој договор благодарение и на СДСМ и на другите партии создаде од Македонија функционално меѓуетничко општество , подразбираше амнестија и помирување за учесниците во тој воен конфликт и државата стана членка на НАТО.
Но тие тоа не го гледаат.
Нивниот шовинизам е пуштен да функционира на најсилно и веројатно се среќни кога гледаат колку нивната омраза може да ја поттикнува националната омраза од другите и создава хаос во кој тие уживаат. Тие двајца чиишто ставови со задоволство ги шири Героски постојано тврдат дека Македонците не се ослободиле од својот србокомунизам и дека како резултат на тоа ја одржуваат и шират омразата кон Бугарите и кон Албанците . Така тие имаат објаснување за се што ни се случува и во односите со Бугарија и во односите со другите соседи.
Во време на војната од 2001 година имало и глупави изјави и тези но и тешки злосторства кои се обидовме и обидуваме со имплементацијата на Рамковниот договор да ги подзаборавиме и амнестираме со цел да градиме заедништво и добар живот за сите. Луѓе кои беа директно вклучени во воениот судир вложија и вложуваат натчовечки напори да се надминат непријателствата,да се заборават грдите слики, изјави и сцени од она време со цел мирот да успее и земјата да оди напред.
Дали е тоа и нивен интерес веќе не сум сигурен.
Ѓорги Спасов