Ги доби ли премиерот двете илјадарки да купи 62 свеќи
Гневот на татко за изгубеното чедо е порака да престанете со лицемерие и разводнување на одговорноста што не је спречивте најголемата македонска трагедија. Тој крик на болка е испратен на точна адреса на Духовден, со гнев и разочарување од односот на власта и на јавност
Тој крик на болка е испратен на точна адреса на Духовден, со гнев и разочарување од односот на власта и на јавноста. Гневот на татко за изгубното чедо е порака да престанете со лицемерие и разводнување на одговорноста што не је спречивте најголемата македонска трагедија. Тоа можевте и моравте да го направите, оти власта таа вечер беше присутна таму и не мрдна со прст да постапи по сила на законските обврски. Не покажавте ни грам морална одговорност. Ете, тоа беше пораката на двете илјадари оставени на кочанската траорна патека.
Тоа е тој балкански механизам на властите кога ќе се случат трагедии поради непочитување на законите да се избегне одговорноста. Во Нови Сад во падот на настрешницата на железничката станица загинаа 16 луѓе и поради тоа шест месеци Србија ја тресе студентска револуција на која се приклучија милиони граѓани кои бараат одговорност и функционирање на институциите на системот. Режимот одговори дека е тоа политичка злоупотреба и некрофилија на опозицијата и на странските агентури. Дали во тоа нешто препознавате.
Се разбира таква „опасност“ во Македонија не е можна. Страховладата ја држи под контрола ситуацијата. Молчат студентите, молчат инситуциите, молчат јавните личности, молчат таканаречените интелектуални елити, молчат медиумите, молчи партизираната јавност, а и кога нешто ќе кажат видлива е релативизацијата која редовно кај нас по ваквите трагедии влече во заборав. Неколкуте храбри исчекори да се открива вистината експресно и громогласно се жигосува како скриена политичка агенда.
На сметка на тоа, да се сврти вниманието на јавноста на друга страна, деноноќно фрчат вести за големите успеси на власта. Од сите страни стасуваат милијарди евра, станавме четврта економија во Европа по економски раст, стануваме најбогата земја на Балканот, ќе се градат грандиозни проекти, големи брани, автостради, брзи пруги, болници, училишта, градинки, канализации, канали за наводнување, ќе се делат илјаднци евра за почнување на бизниси на млади луѓе, недостасува само уште старата лага пловен Вардар до Солун, до Егејското и Црното Море преку Морава до Дунав. Уште колку пати можат да нѐ излажат со милијардите евра и долари.
Па, така и за Кочани премиерот подготвувал специјано големо изненадување со милиони на ЕУ да стане економскиот „тигар“ на Источна Македонија. Тоа не е предизборна кампања, тоа се подготовките за изградба на Потемкиновите села чии кулиси се сочувани од времето кога бевме светски прваци по економија и бизнис можности за брзо богатење на малкумина и уште побрзо осиромашување на многумина. Сите успеси на македонските политичари можат убаво да се видат на илјада диви депонии, на скопските контејнери, на илјадници септички јами, на територијата на повеќе од половина Македонија која нема канализација, на елките накитени со најлон кеси, на пластичните шишиња што пловат кога ќе надојде Вардар, на старите училишта со табли и сунѓери останати од времето на социјализмот со празни училници без деца и учители, со напуштените и опустошени некогаш плодни ниви, со канали за наводнување полни со шут и без вода, со изгорени шуми и пепелишта, со три дена сонце суша и со три дена дожд поплава.
Бедата од успесите на македонските политичари
Ете, тоа е бедата од успесите на македонската политика и политичари. Европа била дволична, протекционистичка, која ја водат неспособни бирократи кои ја мразат Македонија, кои сакаат да ѝ го земат идентитетот, јазикот и гордоста на најсиромашниот народ. Ама тоа нема да им успее бидејќи нашата мудра и храбра власт нема да дозоволи да ни се одземат вековните историски достигнувања.
Пристапот до милијардите евра што ќе ни ги даде истата таа Европа која нѐ блокира и ни става вета да не бидеме во премиер лигата ќе ја дотераме до памет дека ни прави неправда со тоа што самите си ставивме блокада и поставиме такви услови што еден ден кога и да е ќе нѐ молат да станеме рамноправна членка на ЕУ. Поточно, веќе нѐ молат нудејќи милијарди евра и фунти за една мала услуга да бидеме „мигрантска чекалница“ за влез, но и за излез, односно протерување од Европа на тие што не им требаат, оти нивните закони за човекови права тоа не го дозволуваат. Кршењето на првата на азилантите ќе го спроведуваме ние. Тоа кај нас не е проблем. Ќе им изградиме прифатилишта на мигрантите, а нашите деца и внуци ќе одат и натаму без пречки да работат во Европа како посакувани работници. Нормално, со големи олеснувања ако имаат бугарски пасоши, а набргу и албански со исто значење. Во наредните 20 до 30 години ќе се решат сите наши проблеми. Што се изгубени само 60 до 100 години спрема нашиот повеќевековен идентитет и достоинство на сиромаштија и беда.
Ете затоа мислам дека „бизраниот чин“ со 2.000 денари оставени на улица за премиерот на купи 62 свеќи и да оддаде почит кон настраданите можеби ќе беше подобро да се направи на еден поинаков начин. Едноставно да не го мачат Мицкоски да купува свеќи, туку да му ги испратат во пакет на адреса на владата. Нешто на Мицкоски не му се доаѓа во Кочани. Таму не се чувствува добро. Разбирливо. Нека ги запали свеќите во Скопје во Соборниот храм со припомош на нашите црковни великодостојници. Може да се испратат и повеќе пакети со свеќи. Има во Скопје доволно цркви скопјани да палат свеќи многу натажени за трагедијата во кочанската „шупа“ „Пулс“ каде згасна пулсот на децата кои отидоа курбан, жртви, на негрижа, корупција и беззаконие.
Ерол Ризаов
Преземено од независен мк