„Ги мрази Бугарите, а татко и е од Босилеград“ Џамбаски „удри“ по европратеничката Јовева

Бугарскиот политичар и поранешен член на Европскиот парламент, Ангел Џамбаски, повторно се најде во центарот на контроверзии поради неговата реакција на говорот на словенечката европратеничка од македонско потекло, Ирена Јовева. По нејзиниот настап во Европскиот парламент, во кој недвосмислено застана во одбрана на македонските позиции, Џамбаски ѝ упати навреди и ја обвини дека шири омраза кон Бугарите, иако, според него, потекнува од бугарско семејство.

– Една од најголемите мразители на Бугарите во Европскиот парламент е токму оваа дама, чие потекло, според нејзините сопствени зборови, е мешано, татко ѝ е Бугарин роден во Босилеград, а мајка ѝ Македонка од Скопје. Јовева секогаш покажува вистинска нетрпеливост кон Бугарија и Бугарите, го негира постоењето на македонските Бугари, како и историското и културно влијание на Бугарија врз територијата на денешна Северна Македонија – напиша Џамбаски на социјалните мрежи.

Тој својот напад го прошири и со историски квалификации, обвинувајќи дека однесувањето на Јовева е последица на, како што вели, „децении на асимилација и геноцид врз Бугарите во западните бугарски краишта и Македонија, спроведени од српско-комунистичкиот режим и молкот на бугарските власти од 1944 година наваму“.

Џамбаски, кој и претходно е критикуван за својот екстремистички дискурс и за провокативни потези – како нацистички поздрав во Европскиот парламент – во своите настапи често ја таргетира Македонија и нејзини претставници.

Повод за неговата последна реакција беше говорот на Јовева во ЕП, каде што истакна дека „македонскиот народ не треба да бара ничија дозвола за да постои“.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close