Гимназиски денови

Почитувани читатели, ќе се послужам со прекрасната мудрост на познатиот писател за деца Јован Јовановиќ Змај кој во тие времиња беше многу присутен меѓу нас со својата мудрост која гласеше „Од колевке па до гроба, најлепше је џачко доба“ и токму со ова денес сакам да ги споделам со вас моите сеќавања и размисли за гимназиските денови.

Гимназијата ја завршив во Скопје и Гевгелија. Две и половина години учев во Скопје, а една и пол година во Гевгелија. И во двете гимназии се стекнав со многу другари со кои и денес другарувам. Скопската гимназија Јосип Броз Тито беше синоним заедно со Цветан Димов на гимназии кои беа авангардни. Умеевме да ги крстиме како машка и женска гимназија. Женска гимназија беше Јосип Броз Тито, а машка гимназија беше Цветан Димов. Ривалитет меѓу овие две гимназии постоеше на сите полиња. Ова ривалство беше проткаено низ резултатите на гимназиите од школувањето на гимназијалците, заедно со нивните професори и наставници, а уште посилно беше на спортските терени. Ова беше здраво ривалство.

После земјотресот и двете скопски гимназии мораа принудно да се преселат во импровизирани училишта, бидејќи матичните згради им беа срушени. Така да јас гимназијата во Јосип Броз Тито ја поминав во зградата на денешниот Центар за страни јазици во Општина Карпош.

Во гимназиските денови се стекнав со најголемото богатство кое и ден денес го негувам, а тоа се моите другари. Ќе набројам неколкумина од нив: Вали, Таки, Буцо, Даре, Васко, Манчо, Цане, Ице Насе, Мале, Анго, Мане, Мичо, Цили, Баке, Баже-фурна. Нека ми простат тие што нема да ги споменам бидејќи просторот не ми дозволува.

Секој од гореспоменатите мои другари имаа своја специфика која се проткајува низ целиот живот.

Денешнава колумна му ја посветувам на Вали-Валериј Стефановски, (и денес во очекување на промена на презимето во Поп Стефанија). Професор по пијано во пензија, со изразито надарен слух, храбар, имаше своја симпатична аура. Во тие гимназиски денови, мојот другар Вали, минимум по 5 часа дневно мораше да свири клавир, бидејќи истовремено го посетуваше и средното музичко училиште. Со вас ќе споделам неколку настани за него кои длабоко останаа врежани во мојата свест. Беше син единец на своите родители, високообразовани, кои му беа комплетно посветени да од него направат пијанист од светски ранг, за што и ден денес сум убеден дека Вали ги поседуваше тие квалитети. Ние другарите чувствувавме дека ни недостасува неговото присуство во нашето другарување и на секој начин се обидувавме да го извлечеме на улица, секако после школските часови. Вообичаено со познатата свирка од тогашната популарна ТВ серија Светец со Роџер Мур, оркестрирано свиркавме под прозорот на неговата куќа во Дебар Маало. После одредено време ќе се појавеше неговиот татко Љупчо, извонреден човек, и по професија професор вајар и од балконот ќе ни кажеше на автентичен охридски дијалект „Вали свирит, немојт да излезе“. Ваквата строга контрола Вали ја наплатуваше на многу специфичен начин. Кога дефинитивно ќе успеевме да го извлечеме од дома тој целото друштво го анимираше на начин за што подолго да останеме во доцните ноќни часови. Позната е неговата гајда кога честопати во глуво доба во центарот на Скопје, Плоштад Македонија ќе ја изведеше на само нему позната техника да со силен и автентичен звук испуштајќи го од грлото ја копира гајдата. Сите се воодушевувавме. Во такви моменти Вали изнаоѓаше илјада причини да не си оди дома. Овој чин сам за себе говори колку силно сме му недостасувале на Вали во тие гимназиски денови и на колку силен начин ја изразуваше својата љубов и почит кон нас, другарите. Вали кој што ние умеевме да кажеме дека има увце за музика беше неприкосновен во автентично восприемање на странските јазици. Во тие времиња го изучувавме францускиот јазик и вообичаено имавме devoirs a la maison-домашна работа. Ние машките практикувавме да ги препишуваме домашните задачи од нашите соученички за време на големите одмори. За жал баш тој час Вали не успеа да ја препише домашната задача и професорката Поленак го дига од школската клупа и бара Вали да ја прочита својата домашна задача. Мојот Вали станува самоуверен, ја отвора неговата тетратка за домашни задачи и од комплетно бела страница почнува да чита. Целиот текст го прочита идеално, меѓутоа Вали мораше да подзастанува во моментите кога го смислуваше склопот на реченицата и неговиот автентичен израз беше ммммммммммммм. Професорката Поленак не познаваше сите и почувствува дека Вали мами, направи гест кој што длабоко остана во моето сеќавање. Не сакаше да го казни Вали, туку му препорача следната домашна задача да ја напише со поразбирлив ракопис. Чин кој што треба да служи за пример како добар педагог.

Вали важеше како голем закачко на нашите соученички и негов оригинален израз беше кога се случуваше да неговите прсти забегаат меѓу женските гради и да објасни: „Сакам да измерам темература“.

Две гимназијалки од тие времиња се врежани во нашите сеќавања како голема љубов на Вали. Тој својата љубов ја искажуваше на многу искрен и специфичен начин. Ако беше немирко пред останатите соученички, пред овие две наши врснички стоеше мирен како буба. Не се плашеше, ама тие особи многу му значеа во тие времиња. Честопати му препорачував да напише соната за нему невозвратената љубов, бидејќи музички беше поткован, велејќи му дека на овој начин може да ги освои срцата на неговите симпатии. Не знам зошто Вали ова не го направи, а можеше. Од денешен аспект сметам дека за вакви дела Вали немал време, бидејќи неговиот дневен распоред беше до минута испланиран. Шест часа во гимназија, пет часа на клавир, време за јадење, спиење, другарување многу малку.

Во тие времиња студентскиот мешан хор Мирче Ацев беше во зенитот на хорското пеење во Македонија. Јас и Вали отидовме на аудиција и бевме примени. Неговиот татко Љупчо му забрани на Вали со образложение „Вали имат друга мисија“. Заврши и магистрираше на конзерваториум во Софија и Москва и стана голем пијанист. Вали успеа да се пробие на меѓународна сцена со свои настапи на пијано ширум Европа и тогашна Југославија. И денес како професор по пијано ги чува своите прсти и раце за можен следен настап. Денеска мојот Вали е татко на четири прекрасни ќерки, многу внуци и внуки и во догледно време очекувам да биде прадедо.

Вали другару со радост го чекаме првиот прадедо меѓу нас другарите.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close