Гир изрази поддршка за натамошното постапување на Весна Дамева на чело со Судскиот совет


Oсвен со холандскиот амбасадор, претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева, денеска се сретна и со шефот на Делегацијата на ЕУ во земјава, амбасадорот Дејвид Гир. На средбата, за која преку писмено соопштение информираа од Судскиот совет, евроамбасадорот ја поздравил пресудата на Управниот суд по која Дамева повторно се врати на чело на Советот по нејзиното разрешување во мај минатата година.

Од средбата на евроамбасадорот со претседателката на Судскиот совет
Гир ја изразил својата поддршка во понатамошното постапување на Дамева на чело со Советот, како и за идните заложби на ова тело со цел обезбедување на владеењето на правото и враќањето на довербата кај граѓаните.

„Амбасадорот Гир посебно се осврна на препораките на Европската комисија потенцирајќи дека 17 од 40 препораки содржани во извештајот на Оценската мисија на ЕК можат веднаш да се спроведат бидејќи се краткорочни, не бараат уставни и законски измени, и зависат од самиот Судски совет“,

се наведува во соопштението на Судскиот совет во кое се информира за средбата.
Гир изразил и надеж оти Судскиот совет ќе пристапи кон реализација на активностите содржани во новата Стратегија за правосудството, кои во значаен дел се однесуваат на натамошното функционирање на ова тело.

Претседателката на Судскиот совет, пак, го информирала евроамбасадорот дека за секоја од препораките од Оценската мисија во врска со работата на Советот ќе бидат донесени соодветни заклучоци на работилницата „Поддршка на ЕУ за владеење на правото“ што ќе се одржи следната недела.

Претходно денеска Дамева се сретна и со амбасадорот на Холандија, Дирк Јан Коп. Холандскиот амбасадор изрази задоволство што по враќањето на Дамева на чело на Судскиот совет ова тело е повторно легален субјект и најави можно обновување на проектот кој Холандија го стави во мирување по нејзиното разрешување во мај лани.

Со враќањето на Дамева на чело на Судски совет, можно е обновување на проектот што Холандија го суспендира по нејзиното разрешување
Инаку, Весна Дамева е старо-нова претседателка на Судскиот совет, откако во очи на Нова година, стигна пресудата на Управниот суд со која беше поништена одлуката за нејзиното разрешување од 4 мај 2023 година. На седницата на 3 јануари годинава, доскорешниот претседател на ова тело, Сашко Георгиев поднесе оставка, а Дамева се врати на претседателското столче во Советот.

СП

Back to top button
Close