Гир: Промените во Уставот мора да се направат, не е реално да се мисли дека без ова процесот на пристапување магично ќе продолжи

Со цел да се искористи импулсот во процесот на пристапувањето, промените во Уставот мора да се направат, што ќе овозможи процесот да продолжи со отворање на поглавјата. Не е реално да се мисли дека овој чекор може да се избегне и дека процесот на пристапување магично ќе продолжи, рече евроамбасадорот

Евроамабасадорот Дејвид Гир денеска уште еднаш повтори дека патот по кој Северна Македонија треба да стигне до Европската Унија е отворен, но предизвикот сега за земјата е да го искористи импулсот за да напредува решително на патот кон ЕУ.

„Прво и најважно Северна Македонија треба да продолжи да демонстрира вистински напредок во реформите, земјата мора да ги усогласи своите закони и практики со тие на ЕУ и да ги спроведува овие стандарди. Ова за ЕУ значи дека С Македонија е способна да ги преземе обврските од членството, а за С Македонија да може да им конкурира на сите земји членки на ЕУ на еднакво ниво и со тоа да ги искористи бенефициите од членството“,рече Гир на денешната тркалезна маса „Западниот балкан помеѓу Западот и Истокот: Северна Македонија – членка на ЕУ до 2030 година“, во организација на Советот на амбасадори.

Евроамбасадорот посочи дека ова значи градење демократски институции, неопходни за гарантирање на демократијата, владеењето на правото, човековите права, почитување на малцинствата.

„Особено ова значи видливи активности во борбата против корупцијата вклучително преку развивање на судство и обвинителство кое ќе одговара на целта, јакнење на собранието и специјализирани, независни институции кои ќе ја негуваат работата на граѓанското општество“,додаде Гир.

Според него, со цел да се искористи импулсот во процесот на пристапувањето, промените во Уставот мора да се направат, што ќе овозможи процесот да продолжи со отворање на поглавјата.

„Не е реално да се мисли дека овој чекор може да се избегне и дека процесот на пристапување магично ќе продолжи. Не ветувам дека е реално да се надеваме оти повторно ќе преговараме за договорот до кој тешко се дојде. Прашањето е дали државата може да стане членка на ЕУ до 2030 година. Одговорот е: зависи од самата држава. Задачата е значајна, обемот на реформи се големи, ќе има подеми и падови и овде и во Брисел, но сметам дека долгорочниот пат е утврден, трасата од ЕУ е утврдена и ветувањето е реално и зависи од оценувањето на заемните потреби и интереси“потенцираше Гир.

Но, за да се постигне оваа цел Гир уште еднаш посочи дека во земјата мора да постои вистинска политичка решеност меѓу сите политички партии и институции вклучително и бизнисот и граѓанското општество.

„Проширувањето мора да биде национален проект бидејќи навистина ќе има предизвици на патот кон ЕУ“рече Гир.

Тој додаде дека С Македонија не е голема земја и дека задачите се остварливи.

„Веќе имате постигнато напредок во многу области, а во некои области сте и пред некои други земји кои веќе некое време преговараат, а има и некои слично големи држави, кои се членки на ЕУ, и кои даваат добри примери како да одите напред. Има голема поддршка за оваа земја во ЕУ, како меѓу нејзините земји членки, така и во меѓународната заедница. Ние ќе бидеме со вас на секој чекор од патот, но не сум јас тој што треба да ве убедам, вие треба да дејствувате со решеност и со убеденост дека е ЕУ е вашата иднина. Патот е отворен, постои импулс, вашата иднина се наоѓа во вашите раце“заклучи Гир.

Back to top button
Close