Гир: Се надевам дека сите членови на Судскиот совет ќе свртат нова страница и ќе ги спроведат препораките на Европската комисија

Се надевам дека сите членови на Судскиот совет ќе свртат нова страница и ќе се обидат да ги спроведат препораките на оценката мисија на Европската комисија, рече денеска шефот на Делегацијата на Европската Унија, амбасадорот Дејвид Гир, од Саемот за граѓанско општество, одговарајќи на новинарско прашање како го оценува вчерашниот состанок со претседателката на Судскиот совет Весна Дамева.

„После одлуката на Управниот суд покажав заинтересираност да се сретнам со претседателката на Судскиот совет Весна Дамева. Како што можете да забележите, јас не се сретнав со нејзиниот претходник, со што ја искажавме нашата загриженост во врска со начинот на кој беше таа разрешена, но и за начинот на кој беше избран тогашниот претседател. Причината на оваа средба со Дамева беше да разговараме за состојбите во Судскиот совет, како и во врска со препораките на оценската мисија на Европската комисија и мерките кои ќе бидат преземени од страна на советот“,рече Гир.

Според него, тоа бил продуктивен состанок.

„Се надевам дека сите членови на Судскиот совет ќе свртат нова страница и ќе се обидат да ги спроведат препораките на оценката мисија на Европската комисија, за компетенции кои ги имаат тие“рече амбасадорот Гир.

Вчера преку писмено соопштение од Судскиот совет информираа дека претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева се сретнала со шефот на Делегацијата на ЕУ во земјава, амбасадорот Дејвид Гир, кој ја поздравил пресудата на Управниот суд по која Дамева повторно се врати на чело на Советот по нејзиното разрешување во мај минатата година.

„Амбасадорот Гир посебно се осврна на препораките на Европската комисија потенцирајќи дека 17 од 40 препораки содржани во извештајот на Оценската мисија на ЕК можат веднаш да се спроведат бидејќи се краткорочни, не бараат уставни и законски измени, и зависат од самиот Судски совет“се наведува во соопштението на Судскиот совет во кое се информира за средбата.

Претседателката на Судскиот совет, пак, го информирала евроамбасадорот дека за секоја од препораките од Оценската мисија во врска со работата на Советот ќе бидат донесени соодветни заклучоци на работилницата „Поддршка на ЕУ за владеење на правото“ што ќе се одржи следната недела.

Со враќањето на Дамева на чело на Судскиот совет, можно е обновување на проектот што Холандија го суспендира по нејзиното разрешување

Претходно денеска Дамева се сретна и со амбасадорот на Холандија, Дирк Јан Коп. Холандскиот амбасадор изрази задоволство што по враќањето на Дамева на чело на Судскиот совет ова тело е повторно легален субјект и најави можно обновување на проектот кој Холандија го стави во мирување по нејзиното разрешување во мај лани.

Back to top button
Close