Гир за РСЕ: Преговорите се отворени, ако не го смените Уставот процесот ќе запре и ќе чека решавање на ова прашање

Евроамбасадорот во интервјуто зборува и за тоа дали непризнавањето на македонскиот јазик од страна на Бугарија ќе игра некаква улога во официјалната комуникација со ЕУ при што порачува дека она што е важно е што имаме преговарачка рамка во која македонскиот јазик е вклучен како таков, без појаснувања и без фусноти и додава: „Македонскиот јазик е тука, и тоа е она што Европската унија го посочува, без квалификации“

За договорот за Фронтекс кој треба да биде потпишан за распоредување на сили во Северна Македонија, евроамбасадорот јасно нагласува дека тој ќе биде објавен на 24-те официјални јазици на ЕУ и на македонски јазик

Преговорите се отворени и скринингот започна. Одржувањето на наредната меѓувладина конференција зависи од билатералниот договор меѓу двете засегнати земји. Ако не ги направите уставните измени веројатно преговарачкиот процес ќе запре и ќе се чека решавањето на ова прашање, вели евроамбасадорот Дејвид Гир во неделното интервју на Радио Слободна Европа (РСЕ).

На прашање како е неговиот став за одржување на евентуален референдум за преговарачката рамка, Гир вели дека тоа е суверена одлука за земјава да ја направи и затоа нема да коментира конкретно за тоа, но нагласува дека „можеби треба да се вратиме наназад и да ја видиме големата слика“.

„Стратешкиот избор кој оваа земја го направи бројни години е да влезе во ЕУ и процесот сега започна. Зошто е важен. Има бројни јасни причини зошто оваа земја ќе има корист од членството во ЕУ и ЕУ ќе има корист да ве има како дел од семејството. На економска страна, ЕУ е најголемиот единствен пазар во светот и исто така ваш сосед. Ова нуди огромни можности за бизнис, за трговија, за инвестиции, за подобрување на животниот стандард и средствата за живот, за осигурување дека младите луѓе ќе ги развијат неопходните вештини да се натпреваруваат на пазарот на труд во овој поголем единствен пазар. Но, не е само тоа. Има и други многу јасни бенефиции од членството во ЕУ“,

вели евроамбасадорот.

За тоа дали на средбата пред неколку дена со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, разговарале за референдумот и уставните измени, Гир одговара дека има средби со сите партиски лидери и вели дека има многу отворени разговори за сите прашања и вели дека тие разговори се важни за да се објасни позицијата на едната страна и да се разбере позицијата на друга.

Тој не сака да навлегува во детали ниту за прашањето дали кај Мицкоски имало волја за уставните измени.

„Јас мислам дека е на ВМРО-ДПМНЕ да ја постави својата позиција на овие различна прашања, како што е на сите партии да го направат тоа. Не сакам да навлегувам и да давам ставови за специфични партии. Ние сме спремни да разговараме со сите партнери кои се посветени на евроинтегративниот пат“,вели Гир.

За договорот за Фронтекс кој треба да биде потпишан за распоредување на сили во Северна Македонија, евроамбасадорот нагласува дека тој ќе биде објавен на 24-те официјални јазици на ЕУ и на македонски јазик.

„Фронтекс е значаен договор, затоа што помага да се осигури менаџирањето со границите тука според европските стандарди, затоа е во интерес на безбедноста за сите нас. Европската комисија многу активно го зема ова предвид и се надеваме дека тоа ќе биде завршено многу наскоро. Не можам да ви дадам конкретен датум, бидејќи сè уште трае расправата за тоа, но многу се активни. На кои јазици? Па, штом се постигне согласност ќе биде објавен на 24-те официјални јазици на Европската унија и на македонски јазик. Навистина, тоа веќе го рече и претседателката Фон дер Лајен“,

вели Гир.

Тој зборува и за тоа дали непризнавањето на македонскиот јазик од страна на Бугарија ќе игра некаква улога во официјалната комуникација со ЕУ при што порачува дека она што е важно е што имаме преговарачка рамка во која македонскиот јазик е вклучен како таков, без појаснувања и без фусноти.

„Тоа е база по која ние ќе се движиме во иднина во однос на македонскиот јазик. Да се вратиме на таа соба во Брисел, ако бевте таму ќе видевте на кабините, велеше македонски јазик на англиски, значи веќе се користи. Унилатералните изјави, за кои многу луѓе шпекулираа, се многу вообичаен начин во ЕУ на кој засегнатите земји им даваат контекст на одлуките. Она што е важно, во основа, е што се движиме напред, македонскиот јазик е тука, и тоа е она што Европската унија го посочува, без квалификации“,вели Гир.

Целото интервју можете да го прочитате ТУКА.

Back to top button
Close