ГИС: Потребни се одржливи решенија против измамите со горива

Проблемот со злоупотреба на тарифните броеви за мазут, при што наместо мазут се испорачувало отпадно масло, има многу аспекти и зафаќа различни државни институции, истакнаа денеска на прес-конференција од Граѓанскиот инспекциски совет (ГИС), посочувајќи дека бараат одржливи решенија против овие измамите во кои отпад се користи како гориво, што се актуелизираа во последниот период по некои медиумски објави.

Затоа, според ГИС, потребно е Владата и министерствата да обезбедат извршување на законите, подзаконските акти и уредбите, функционирање на државните лаборатории во Бирото за метеорологија и во Министерството за животна средина и просторно планирање, користење на мобилни уреди за инспекциски надзор и организирање на обуки за инспекторите.

Невена Георгиевска од О2 Иницијатива истакна дека сметаат оти треба да се измени правилникот за квалитет на течни горива, да се дадат точни дефиниции за мазут М1, мазут М2 со еден процент сулфур. На другите карактеристики според ЕУ стандарди, како што рече, да се дадат тарифни броеви за различни типови на мазут и екстра лесно масло за горење.

– Во однос на правилникот, тој исто така треба да се усогласи. Оној стандард што го имаме, неговите гранични вредности со европските стандарди, е застарен и е од 1999 година. Тие вредности мора да се усогласат со она што го предвидуваме со правилникот. Исто така, постои уредба која треба да се донесе, таа уредба треба да биде усогласена со правилникот, со цел да немаме неколку подзаконски акти и стандарди кои меѓу себе не се усогласени, рече Георгиевска.

Таа посочи дека треба да се донесат законски измени со кои ќе се проверува и горивото за греење во болниците, училиштата, приватните фирми и другите јавни институции. Според неа, во овој дел постои пропуст, бидејќи како што дознале, никој нема законска надлежност ова да го контролира.

Георгиевска истакна дека треба да се измени и законски да се предвиди Државниот инспекторат за животна средина да ги проверува горивата во сите објекти што се под нивна надлежност, каде спаѓаат големата индустрија и другите објекти, што не е случај сега.

– Има некои делови во Законот за животна средина кадешто има делокруг и надзор на Државниот инспекторат дека може да проверува увоз и извоз, меѓутоа тоа треба да се допрецизира. Сметаме дека повеќе контрола не е на одмет. Значи за таа цел треба да се доопреми ДИЖС, и со опрема и со вработени, посочи Георгиевска.

Таа додаде дека е потребно да се исчистат и оџаците од болниците и училиштата, да се земе примерот од она што се горело до сега, да се види какви отпадни материи се горело, а тоа, според неа, најверојатно ќе помогне и во понатамошните истраги.

– Треба да се тестира горивото на Царина. Царинската лабораторија освен за сулфур треба да се опреми и за други потребни тестирања и да се екипира со стручен кадар, наведе Георгиевска.

Таа истакна дека Регулаторната комисија за енергетика мора да ги одземе лиценците на сите оние кои вршеле увоз на недозволен отпад.

– Потребно е да изврши ревизија на доставени изјави за сообразност на горивото од добавувачите, заедно со извештаите од испитувањата на течните горива извршени во акредитирани лаборатории. Бараме и кривична одговорност за сите отстапувања што ќе излезат од истрагата, наведе Георгиевска.

Кирил Ристовски од ЦЕД Флорозон посочи дека поради недоволниот број на инспектори најчесто еден инспектор треба да покрива повеќе области, што се надвор од неговата експертиза.

– Ќе треба да се изврши ревизија на правилниците, ќе треба да се воведат малце порестриктивни параметри врз основа на кои што ќе бидат ограничени штетните супстанци во енергенсите, согласно класификацијата на ЕУ. Кај нас се уште се раководиме согласно застарената секундарна легислатива којашто овозможува увоз на горива со понизок квалитет, рече Ристовски.

Тој наведе дека новиот закон ќе повлече и секундарна легислатива, а тие како граѓански активисти и како претставници на граѓански организации, веќе укажуваат и алармираат за процесот на креирање на законскиот текст.

– Меѓутоа понатаму е и дефинирањето на сето она што се нормативни акти, правилници, коишто ќе треба да го поткрепат самото законско решение, се со цел да ги оневозможиме тие легислативни јазли коишто ќе бидат злоупотребувани од страна на економските оператори, меѓутоа и од друга страна ќе овозможат соодветно постапување на институциите, истакна Ристовски.

Тони Никушевски од „Скопје сака чист воздух“, потенцираше дека е потребна итна примена на ИЕД директивата со автоматски мониторинг на индустриските капацитети и интерсекторско постапување.

Според него, секоја инсталација, без разлика дали се наоѓа на отворено или не, треба да поседува автоматски мониторинг систем за мерење на штетните емисии во водата, воздухот и почвата.

– Ние примарно треба да ја имплементираме директивата за индустриски емисии која што ќе ни го трасира патот, за да не ги хендикепираме нашите економски можности како држава, затоа што отпадот може да биде и ресурс, може да биде и енергија, меѓутоа ако одговорно се употребува. Граничните вредности на сите тие горива треба да се пресликаат исто како што се европските и оние на развиените држави, затоа што таму освен сулфур се мерат редица други параметри, заклучи Никушевски.

Back to top button
Close