Гитарската легенда Влатко Стефановски открива детали од средбата со кралот Чарлс
Веста дека Влатко Стефановски, еден од најпочитуваните гитаристи во овој регион, се сретна со кралот Чарлс III во Лондон , му го подари својот тековен албум „London Sessions“, издаден од „Croatia Records“, што го направи единствени музичар од регионот кој имал лична средба со британскиот монарх, крена прашина дома.
Уште повеќе составот на културната делегација од Македонија која беше на приемот во палатата „Сент Џејмс“, во рамките на самитот на Берлинскиот процес. И кој всушност, таму требаше да биде, место нив.

Сите по ред се исфалија на социјалните мрежи што збореле, пиеле и јаделе, од Милчо Манчевски, Виле (екс-Мултимедиа), Мишко (Fx3x), Виолета Симјановска, Логин Кочишки, чија сопруга, бугарска пејачка, сподели „Кралот на Балканот, се сретна со кралот на Британија“… Освен Раде Шербеџија. За средбата на Влатко со британскиот монарх се пофали и неговата издавачка куќа „Croatia Records“.
„Музиката на Влатко Стефановски, снимена во легендарното „Abbey Road“, сега ќе одекнува и во кралските одаи. Горди сме што нашиот уметник имаше можност да му ја претстави својата работа и музиката од нашиот регион на британскиот крал – напишаа на својата страница на Фејсбук „Кроациа Рекордс“.
Влатко Стефановски откри за tportal.hr. што се случило зад затворени врати на средбата со кралот Чарлс.
„Ова беше мојата втора средба со кралот Чарлс. Првата се одржа во 1998 година, кога тој, тогаш како принц од Велс, го посети Скопје. Во тоа време, тој покажа голем интерес за музиката, а јас имав можност накратко да разговарам со него и да му го подарам албумот Gipsy Magic. Разговаравме за музиката и животот воопшто, и добив впечаток дека повеќе го интересира разговор со уметници отколку со политичари“, изјавил Влатко Стефановски и продолжи:
„Овој пат, добив покана од Британскиот совет да бидам еден од учесниците на Кралскиот прием, што беше големо задоволство и чест за мене. Приемот, секако, беше на високо ниво, со задолжителен дрес-код, во палатата „Сент Џејмс“, организиран од британскиот премиер Кир Стармер“, откри тој.
„Имав можност да разговарам со кралот уште малку, а тој беше особено воодушевен кога му покажав фотографија стара повеќе од 20 години, направена за време на неговата посета на Скопјe. Потоа му кажав дека имам нешто друго за него и му го дадов ЦД-то „London Session“, кое го снимив во студиото „Abbey Road“. Се интересираше за каква музика станува збор и вети дека дефинитивно ќе го слушне албумот“, објасни Стефановски и додаде:
„Секако, посетата на Лондон не можеше да помине без враќање на „Abbey Road“, на познатата кантина, каде што уживав во кафе. Сè уште импресиониран од средбата, продолжувам со мојот бенд Јан Стефановски, Иван Кукиќ и Дамир Имери – турнеја низ Босна и Херцеговина“, објави Стефановски за tportal.hr (nezavisen.mk)






