Гласавме против себе во ОН
Ме прашуваат од локално.мк за мислење за гласањето на РС Македонија во Генералното собрание на ОН. Зборуваме, се разбира за резолуцијата за Украина. Повод беше тригодишнината од почетокот на војната, на 22 февруари 2022. Некни бил ден на целодневни гласања во светската организација, какви што паметам од мојата работа таму.
Претпладнето се гласало во Генералното собрание. Европејците не се согласиле со текстот на американската резолуција чиј конспозори е Македонија: барале, со сопствена верзија на резолуцијата, да има и осуда на руската агресија. Америка не се согласила и инсистирала само на прекин на војната. Победила европската линија со 95 гласови „за“, „против“ биле Америка и Русија (Нема вечни пријатели или вечни непријатели, туку само вечни интереси, рекол Черчил) а 65 држави биле „воздржани“. Попладнето, истата тема била на дневен ред на Советот за безбедност кој има 15 членови, 5 од кои се постојаните членки. Таму победила американската верзија со 10 „за“, меѓу кои Америка, Русија и Кина, и 5 „воздржани“, меѓу кои Франција и Британија, постојани членки на СБ.
Бидејќи резолуцијата на Советот за Безбедност, а не онаа на Генералното собрание, има обврзувачко дејство, победи ставот за брз крај на војната без осуда на руската агресија. Франција и Британија кои имаат право на вето, во поддршка на мирот, се воздржале од гласање.
Ние гласавме, како што постојано подвлекува власта, со „нашиот стратешки партнер“. Да си со најмоќната држава во светот, да ја имаш нејзината благонаклоност, во принцип е добро сопствената држава и народ. Сепак, од првите денови на нашето членство во светската организација ориентир во гласањето на државите од групата земји од Источна Европа, дваесет и една на број, беше како ќе гласаат државите на ЕУ. Конечно, ние сме држава на европскиот континент а нашата стратешка цел беше членство во ЕУ. Со време, тоа и се случи: државите од Централна и од Источна Европа се приклучија на европскиот сојуз. Се сеќавам дека во деведесеттите, мојот колега претставникот на Албанија во ОН, без многу да размислува за ставот на Европа, редовно го притискаше копчето „за“ кога се работеше за американска резолуција. Тоа го правеа и една група мали земји од Пацификот.Не велам дека тоа беше лоша политика во тие тешки времиња за посткомунистичките држави на Источна Европа или за малите островски држави. Тогаш, во Македонија, сè уште не беше во оптек кованицата „виткање кичма“.
Но, инстиктивно, во обид да ја држам кичмата на Македонија што е можно поисправена и во отсуство на директиви од Скопје, состојба карактеристична за сите држави од Источна Европа, гласав со ЕУ државите. Значи, водев, колку што можам, внимание за реномето на мојата тукушто роденa држава. Зашто, веројатно не знаете дека по објавувањето на резултатите од гласањето на големата електронска табла во Генералното собрание има секакви реакции: од одобрување до негодување, па и до потсмешливи коментари на сметка на државите. Погодувате: потсмев предизвикуваше „виткање кичма“ пред Америка. И тогаш кога ЕУ и Америка беа едно.
Проблемот денес е во тоа што, во новата геополитика, Америка ја напушта Европа и континентот ќе мора да мисли со своја глава за својата заедничка безбедност и надворешна политика. Да нема забуна ќе повторам: не ја напуштаме ние Америка, Америка ја напушта Европа. Затоа, сега, неспоредливо повеќе од тогаш, е потребна европска солидарност. Се разбира, и добри односи со Америка. Дилемата е како сето тоа да се вообличи во една конзистентна надворешна политика. Во минатото, странските дипломати во Македонија знаева често да коментираат дека нашите политичари не умеат да мислат стратешки. Еве уште една потврда со новата власт дека е така. Стратешки да мислиш значи да ги разбереш на прав начин големите поместувања во светската политика и да ја прилагодиш сопствената. Тука не помагаат никакви лични пријателства. Па, ние го имавме за пријател државниот секретар на Америка Лоренс Иглбергер наречен „Лоренс од Македонија“ и знаеме што може човек визави интересите на политиката и на државите.
Во контекст на големите промени, се плашам дека власта погрешно ја чита меѓународната политика и кога денес упорно се повикува на нашето стратешко партнерство со Америка. А прашање е дали новата администрација знае за партнерството и дали тоа воопшто нешто и значи. Помислете: ако на Америка малку и значи стратешкото партнерство со ЕУ, ова со Македонија не и значи ама баш ништо. Ние, пак, мртви сериозни, малку, малку ќе се повикаме на „нашиот стратешки партнер“. Британците барем смогнале сила да се насмеат на сопствена сметка и честото повикување на „специјалните односи“ меѓу Велика Британија и Америка. Некој рекол: Американско-британските „специјални односи“ се толку специјални што само едната страна (Британија) знае за нивното постоење.
Епилог: Финалето на гласањето во ОН, фала му на Бога, беше во прилог на мирот. Имено, иако европските земји, Франција и Британија, имаат право не вето, тие не ја блокираа резолуцијата која повикува на мир. Сакаа само да се осуди праксата на насилна промена на границите. Ако разбереме дека ретко кој би се осмелил да ги оспори границите на Британија и на Франција, нуклеарни сили, тогаш тој дел од резолуцијата се однесуваше за нас, малите држави. Во таа смисла, ние гласавме против себе.
Денко Малески